Активности



Среда, 13 јануари 2010 година

Дваесет и седма седница на Комисијата за транспорт, врски и екологија

Комисијата за транспорт, врски и екологија на Собранието на Република Македонија, на Дваесет и седмата седница, одржана на 11 јануари 2010 година, како матично работно тело го претресе Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за внатрешна пловидба (прво читање).

На седницата, во својство на претставник на Владата на Република Македонија, присуствуваше г. Горан Михајловски, заменик на министерот за транспорт и врски.

Во образложението на Предлог-законот, тој ја нагласи потребата за донесување на законот, целите што ќе се постигнат и основните решенија на законот.

Претставникот на Владата потенцираше дека Предлогот за донесување на законот за изменување и дополнување на Законот за внатрешна пловидба е со цел за имплементирање и усогласување на пропишаните стандарди за безбедност во внатрешната пловидба, со правната регулатива на Европската унија и надминување на потешкотиите во однос на примената на одделни одредби, како и потребата од допрецизирање на одделни одредби од постојниот закон.

Тој посебно истакна дека со предложените измени се врши усогласување и допрецизирање на одделни одредби од постојниот закон, кои ќе придонесат значително да се подобрат условите што се однесуваат на безбедноста на пловидбата на природните и вештачките езера во Република Македонија.

Заменик- министерот за транспорт и врски посебно укажа дека со одредбите од предлогот на законот, а во согласност со Директива 2006/87/ЕЦ на Европскиот парламент и Совет од 12.12.2006 година за утврдување на технички барања за пловни објекти во внатрешната пловидба и укинување на Директивата на советот 82/714/ЕЕЦ, со предложените измени и дополнувања ќе се изврши целосно усогласување на стручната терминологија искажана преку дефиниции, со терминологијата која се применува во актите на Европската унија и ќе се доразработаат одредбите со кои се регулира вршењето на техничкиот преглед на бродови заради утврдување на нивната способност за пловидба, издавањето и признавањето на бродските исправи и книги и вршењето инспекциски надзор.

Тој нагласи дека како резултат на предложените измени и дополнувања се извршени и соодветни измени и дополнувања во делот на прекршочните санкции.

Во дискусијата по Предлог-законот учествуваа пратениците г. Јован Лазарев, г. Томе Чингоски, г-ѓа Катарина Димеска и г. Тито Петковски.

На крајот, Комисијата за транспорт, врски и екологија со девет гласа „за“ и  еден „воздржан“ оцени дека Предлог-законот е прифатлив и треба да се даде на натамошно читање.

Click