Активности

Четврток, 21 јануари 2010 година

Четириесетта седница на Комисијата за европски прашања

Комисијата за европски прашања на Собранието на Република Македонија, на Четириесеттата седница, одржана на 20 јануари 2010 година, во прво читање ги разгледа Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за трговски друштва и Предлог-законот за испитување и жигосување, односно обележување на огненото оружје и муницијата.

Во однос на Предлог-законот за изменување и дополнување  на Законот за трговски друштва, на седницата, во својство на претставник на Владата на Република Македонија, присуствуваше г.  Методија Хаџи-Васков, заменик на министерот за економија, кој ја образложи потребата од донесување на Законот, од аспект на неговата усогласеност со правото на Европската Унија.

Заменик-министерот за економија појасни дека ќе има дополнителни трошоци за електронското информирање и одлучување, но тие нема да паднат на товар на акционерите, туку трошоците ќе ги поднесат акционерските друштва.  

Имајќи го в предвид ова, предвидено е во Предлог-законот да им се даде временски период на трговските друштва, чии акции котираат на берза, кои ќе можат да се прилагодат на новите обврски, односно да воспостават електронски решенија за номинација на полномошници, да отворат официјални интернет-страници и да им овозможат на акционерите учество на Собрание од оддалечена локација. 

Комисијата едногласно заклучи дека Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за трговски друштва е прифатлив и треба да се даде на натамошно читање од аспект на неговата усогласеност со правото на Европската унија.

Во врска со Предлог-законот за испитување и жигосување, односно обележување на огненото оружје и муницијата, г. Џевад Бучи, заменик на министер за внатрешни работи, во својство на претставник на Владата на Република Македонија, ја образложи потребата од донесување на Законот, од аспект на неговата усогласеност со правото на Европската Унија.

Комисијата едногласно заклучи дека овој Предлог-закон е прифатлив и треба да се даде на натамошно читање, од аспект на неговата усогласеност со правото на Европската унија.
Click