Активности



Петок, 12 ноември 2010 година

Четириесет и петта седница на Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство

Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство на Собранието на Република Македонија, на 45. седница (прво продолжение), одржана вчера, како заинтересирано работно тело го разгледа Предлог-буџетот на Република Македонија за 2011 година.

На седницата, во својство на претставник на Владата на Република Македонија присуствуваше г. Перица Ивановски, заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство; потоа г. Климе Дамчески, како претставник од истото министерство, како и г-ѓа Верица Проковиќ и г-ѓа Елена Јовановска, претставници од Министерството за финансии.

Заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство,  во своето излагање, особено се фокусираше на развојниот карактер на Буџетот за 2011 година, во износ од 1,2 милијарди средства кои ќе бидат наменети претежно за развојната компонента на непосредното земјоделско производство, зголемувајќи ги субвенциите и овозможувајќи порелаксирано однесување на земјоделските производители кога е во прашање обезбедување на средства за поддршка на земјоделието, како една од најважните гранки на стопанисување во Република Македонија.

Претставникот на Владата поопширно ги елаборираше ставките во коишто се зголемени средствата од Буџетот, како и намалените средства предвидени со Буџетот за поодделни институции коишто во изминатиот период беа во состав на Министерството, а сега се предвидува да се издвојат како посебни правни субјекти со посебен буџет за финансирање.

По завршување на расправата, Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство по Предлог буџетот на Република Македонија за 2011 година, не предложи, ниту усвои амандмани и истиот го проследува на натамошна постапка во Собранието на Република Македонија.

Click