Активности



Четврток, 25 ноември 2010 година

Четириесет и седма седница на Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство

Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство на Собранието на Република Македонија, на вчерашната 47. седница, како заинтересирано работно тело го разгледа Извештајот за напредокот на Република Македонија за 2010 година

На седницата, во својство на претставник на Владата на Република Македонија, присуствувашe г. Перица Ивановски, заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, како и г. Живко Брајковски и г-ѓа Светлана Томеска-Мицкова, претставници од истото министерство.

Заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство го образложи Извештајот на Комисијата за напредокот на Република Македонија за 2010 година, со особено нагласување дека во сите три поглавја е нотиран напредок, што значи дека генерално Извештајот е позитивен. 

Тој посебно нагласи дека е постигнат задоволителен напредок во сферата на земјоделието и руралниот развој, што претставува мотив да се продолжи со исто темпо како би се постигнале крајните цели за евроинтеграција на Република Македонија во Европската унија како нејзин рамноправен член. 

Во поглавјето за безбедност на храна, ветеринарна и фитосанитарна политика, претставникот на Владата потенцираше дека е постигнат соодветен напредок, особено по прашањето на HACCP системот кај примарните производители на храна и на крајот претставникот на Владата го истакна тврдењето во Извештајот дека е направен одреден напредок во рибарството, иако Република Македонија не излегува на море, сепак врши напори да се создадат услови за зголемување на капацитетите за производство на риба, што е за позитивен коментар како генерално унапредување на сегментот од областа на земјоделието, шумарството и водостопанството.

Господин Ивановски потенцираше дека не е неопходно да ги коментира изнесените негативности изнесени во Извештајот од причини што тоа е континуиран процес на прилагодување на законската регулатива се европското законодавство во сите сфери што се опфатени од анализираните поглавја.

По завршување на расправата, Комисијата едногласно го усвои следниот Заклучок

  • Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство го разгледа Извештајот за напредокот на Република Македонија за 2010 година, со акцент на делот од земјоделството, шумарството и водостопанството, со констатација дека Извештајот реално го претставува напредокот на Република Македонија во оваа област и му предлага на Собранието на Република Македонија да го разгледа со изнесените предлози, сугестии и мислења изнесени на седницата на Комисијата.
Click