Активности



Четврток, 21 јануари 2010 година

Четириесет и осма седница на Комисијата за финансирање и буџет

Комисијата за финансирање и буџет на Четириесет и осмата седница,  одржана на 14 јануари 2010 година, како матично работно тело го разгледа Предлогот на закон за задолжување на Република Македонија кај Банката за развој при Советот на Европа по Рамковниот договор за заем за делумно финансирање на Проектот за реконструкција и доградба на јавните здравствени установи – прва фаза (прво читање).

По поднесениот Предлог на  закон воведно образложение даде заменикот на министерот за финансии, г. Недим Рамизи. Тој истакна дека согласно утврдените стратешки приоритети за периодот 2008 - 2012 година и Националната здравствена стратегија, Владата на Република Македонија иницираше подготовка на Проект за реконструкција и доградба на јавните здравствени установи во Република Македонија.

Со реализацијата на овој Проект се очекува да се надмине проблемот со застарената медицинска инфраструктура и опрема. Проектот за реконструкција и доградба на јавните здравствени установи има две компоненти. Првата компонента вклучува реконструкција, реновирање и проширување на постоечки ЈЗУ и изградба на нови, а втората компонента се состои од набавка и инсталација на нова медицинска опрема во ЈЗУ. 

Проектот ќе се реализира во три фази. Вкупниот износ на првата фаза од овој Проект изнесува 46.000.000 евра. ЦЕБ ќе учествува во финансирањето со 50% од вредноста на Проектот, односно со 23.000.000 евра, а со останатите 50% ќе  учествува  Република Македонија.

Комисијата со осум гласа „за“ и три „воздржани’“ заклучи дека Предлогот на законот за задолжување на Република Македонија кај Банката за развој при Советот на Европа по Рамковниот договор за заем за делумно финансирање на Проектот за реконструкција и доградба на јавните здравствени установи – прва фаза е прифатлив и може да се даде на натамошно читање.
            

Click