Активности

Вторник, 2 февруари 2010 година

Четириесет и деветта седница на Комисијата за финансирaње и буџет

Комисијата за финансирaње и буџет на Собранието на Република Македонија, на Четириесет и деветтата седница, одржана на 1 февруари 2010 година, како матично работно тело ги разгледа Предлогот на закон за задолжување на Република Македонија со заем кај Банката за развој при Советот на Европа по Рамковниот договор за заем за делумно финансирање на Проектот за реконструкција и доградба на јавните здравствени установи-прва фаза ( второ читање) и Предлогот на закон за плаќање на рати на даночни долгови на јавните претпријатија и трговските друштва основани од Република Македонија, односно од општините или Град Скопје, по скратена постапка.

Претседателот на Комисијата, г. Јован Манасијевски, констатира дека по Предлог-законот до определениот рок согласно Деловникот не се поднесени амандмани од овластените предлагачи.

Во претресот учествуваа пратениците: Јован Манасијевски, Марјанчо Николов, Јован Гинев, Станка Анастасова, Миле Пачемски и Менде Диневски.

Беше нагласено дека со овој Предлог на закон се предвидува реконструкција и доградба на дваесет јавни здравствени установи кои се најакутни, со цел да се подобри ифраструктурата и квалитетот на услугите на граѓаните на Република Македонија.

Со реформите кои започнаа во здравството од 2006 година, настана приватизција на примарното здравство, при што голем дел од докторите и помошниот персонал преминаа во приватните здравствени установи. Приватниот здравствен сектор се обезбеди со модерна опрема и еден дел од граѓаните ги користат услугите на овој сектор. Но, факт е дека бројот на граѓаните што ги користат приватните здравствени услуги е ограничен. Од тие причини неопходно е да се подобри инфраструктурата, да се реновираат јавните здравствени установи и да се обезбеди опрема со цел да се подобри квалитетот на услугите на пациентите во Република Македонија.

Со оглед на тоа што по овој Предлог на закон не беа поднесени амандмани, Комисијата со 4 гласа „за“ и 3 „воздржани“ заклучи дека не се исполнети условите за подготвување на Дополнет предлог на закон за задолжување на Република Македонија со заем кај Банката за развој при Советот на Европа по Рамковниот договор за заем за реконструкција и доградба на јавните здравствени установи-прва фаза.

Во однос на Предлогот на  закон за плаќање на рати на даночни долгови на јавните претпријатија  и трговските друштва  основани од Република Македонија, односно од општините или Град Скопје, во својство на предлагачи, воведно образложение по поднесениот закон дадоа пратеникот Силвана Бонева и потпретседателот на Собранието на Република Македонија, Светлана Јакимовска.

Тие истакнаа дека неопходноста за донесување на овој закон произлегува од констатираната состојба во јавните претпријатија и трговските друштва основани од Република Македонија, односно од општините или град Скоје кои се големи даночни обврзници и од потребата за изнаоѓање на оптимален начин за сервисирање на старите даночни долгови кај овие даночни обврзници.

Законот се предлага со цел да се овозможи непречено извршување на дејностите на овие јавни претпријатија, бидејќи повеќето од нив се соочуваат со финансиски потешкотии и проблеми со тековна ликвидност, а извршуваат дејности кои се од поширок општествен интерес и значење.

За акумулираните даночни долгови на јавните претпријатија и трговските друштва основани од Република Македонија, односно од општините или Град Скопје, со предложениот закон се дава можност за отплата на даночните долгови на месечни рати во текот на десет годишен период  и со грејс период од најмногу три години.

Ставот на Министерството за финансии по однос на овој Предлог на закон го изнесе заменикот на министерот за финансии, Недим Рамизи. Тој истакна дека со овој закон се овозможува репрограмирање на долговите на јавните претпријатија што се предмет на законот,  со што финансиски ќе им се помогне на истите, а од друга страна ќе се зголемат приходите во Буџетот на Република Македонија.

Во претресот учествуваа пратениците Јован Манасијевски, Светлана Јакимовска, Силвана Бонева,  Марјанчо Николов, Талат Џафери, Миле Андонов, Владанка Авировиќ и Флора Кадриу.

Комисијата со 7 гласа „за“  и 1 „против“ заклучи дека согласно Деловникот на Собранието на Република Македонија не се исполнети условите за подготвување на Дополнет предлог на  закон за плаќање на рати на даночни долгови на јавните претпријатија  и трговските друштва  основани од Република Македонија, односно од општините или Град Скопје. 
Click