Активности



Четврток, 23 декември 2010 година

Четириесет и деветта седница на Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство

Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство на Собранието на Република Македонија на вчерашната 49. седница, како матично работно тело во прво читање ги разгледа Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за здравјето на растенијата, Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за ѓубриња и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за производи за заштита на растенијата.

На седницата на Комисијата, во својство на претставници на Владата на Република Македонија присуствуваа г. Љупчо Димовски, министер за земјоделство, шумарство и водостопанство и г. Жарко Ераковиќ, претставник од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Министерот Димовски ја нагласи потребата за донесување на законите, целите што ќе се постигнат и основните решенија што се уредуваат со законите.

Во дискусијата по Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за здравјето на растенијата учествуваше пратеникот г. Цветан Трипуновски, кој се надоврза на дискусијата на претставникот на Владата на Република Македонија, потенцирајќи ја целта што ќе се оствари со донесување на Предлог-законот, а таа е во сферата на казнената политика и воведувањето на едукација како превентива за создавање услови за подобро стопанисување во таа област.

По Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за производи за заштита на растенијата учествуваше пратеникот г. Никола Ќуркчиев, кој го постави прашањето кој ќе ја врши фитопатолошката контрола предвидена во членот 63-а од Предлог-законот, поради тоа што претставникот на Владата на Република Македонија во своето излагање укажа дека контрола на производи за заштита на растенијата ќе врши државниот инспекторат.

Претставникот на Владата, одговарајќи на прашањето, појасни дека согласно европските нормативни прописи, предвидува во државниот инспекторат да има лица од сите потребни области и во Предложениот закон инспекцијата ќе ја врши државниот инспекторат, во чиј состав ќе има и фитопатолози, всушност и Предложениот закон е во смисла на хармонизирање на домашното со европското законодавство.

По завршување на расправата по Предлог-законите, Комисијата со мнозинство гласови го усвои следниот Заклучок:

  • Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство ги разгледа Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за здравјето на растенијата, Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за ѓубриња и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за производи за заштита на растенијата и оцени дека Предлог-законите се прифатливи и треба да се дадат на натамошно читање.
Click