Активности

Четврток, 4 февруари 2010 година

Педесетта седница на Комисијата за финансирање и буџет

Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија на Педесеттата седница, одржана на 3 февруари 2010 година, како матично работно тело го разгледа Предлогот на закон за задолжување на Република Македонија со заем кај Меѓународната банка за обнова и развој - Светската банка по Договорот за заем за Првиот заем за развојна политика - ДПЛ 1 (прво читање).

Воведно образложение по поднесениот закон даде заменикот на министерот за финансии, г. Недим Рамизи, кој истакна дека целта на овој заем е да се обезбедат средства за буџетска поддршка.

Клучни активности кои ќе се поддржат со заемот се подобрување на извршувањето на јавните расходи, зајакнување на социјалната помош и одржување на стабилноста на финансискиот сектор.

Вкупната вредност на проектот финансиран со заем од Светската банка изнесува 20.500.000 евра. Рокот на отплата е 25 години со вклучен грејс период од 8 години.

Република Македонија е средно задолжена земја и  се настојува тоа ниво на задолженост да се одржи и понатаму. Овој кредит е планиран со Буџетот на Република Македонија за 2010 година и ќе се користи за поддршка на буџетскиот дефицит. Кредитот го одобрува Светската банка под строго определени услови и е наменет особено за финансирање на социјалните трансфери бидејќи се очекува последиците од економската криза да се чувствуваат и во текот на 2010 година.

Во претресот учествуваа пратениците г. Јован Манасијевски, г. Марјанчо Николов, г. Борислав Стојменов и г-ѓа Владанка Авировиќ.

Комисијата, со 6 гласа „за” и 3 „против”, заклучи дека Предлогот на закон за задолжување на Република Македонија со заем кај Меѓународната банка за обнова и развој - Светската банка по Договорот за заем за Првиот заем за развојна политика - ДПЛ 1  е прифатлив и може да се даде на натамошно читање.

 

Click