Активности



Сабота, 27 ноември 2010 година

Педесет и трета седница на Комисијата за економски прашања

Комисијата за економски прашања на Собранието на Република Македонија, на вчерашната Педесет и трета седница, го разгледа Годишниот извештај на Европската комисија за напредокот на Република Македонија за 2010 година.

Воведен збор во врска со Извештајот даде заменик-министерот за економија во Владата на Република Македонија, д-р Методиј Хаџи-Васков. 

Тој истакна дека оценката во делот на спроведувањето на економските политики во нашата земја е позитивен, особено во спроведувањето на успешно започнатите реформи. 

Делот на економските критериуми ги опфаќа реформите во делот на макроекономските параметри, односно фискалната и монетарната политика и политиката на девизниот курс. 

Во вториот дел, анализирани се значителните и видливи подобрувања на деловната клима, односно можностите за влез и излез на пазарот и определените реформи коишто се преземени. 

Во делот на поглавјата коишто се однесуваат на Министерството за економија, беше истакнат напредокот во делот на воспоставувањето на низата мерки и активности за подобрување на хоризонталната структура, односно делот којшто се однесува на подобрување на инфраструктурата за квалитет каде што изминатите години Република Македонија има направено значаен напредок и имплементацијата на реформите ќе продолжи и наредниот период. 

Заменик-министерот за економија ги потенцираше и параметрите во областа на економските критериуми коишто бележат напредок и подобрување, а тоа се трговијата, односно зголемувањето на извозот и намалување на трговскиот дефицит, делот на трансферите и други можности за финансирање, подобрување на плаќањата со странство, зголемување на резервите и слично. 

Покрај горенаведените позитивни забелешки коишто се однесуваат на економските критериуми, постои значаен напредок и во сегментите директно координирани од страна на Министерството за економија и тоа во делот на трговските друштва, донесувањето на Законот за европски друштва коешто претставува еден вид на подготовка нашата земја целосно да ги преземе обврските коишто се однесуваат на оваа област и тоа во делот на трговското право и нивното регулирање. 

Во делот на Централниот регистер, напредокот се состои во неговото добро функционирање, особено за бизнис-секторот. Во текот на годината ќе дојде до целосна имплементација на втората фаза на едношалтерскиот систем и нејзиното успешно завршување, односно ќе се добие систем на целосно електронско регистрирање на трговските субјекти. 

Во делот на интелектуалната сопственост, нотиран е напредок во делот на патентите и заштитата на интелектуалната сопственост. 

Беше истакнато дека значаен напредок постои и во делот на деловното сметководство, контролата на доделување на државната помош и технолошко-индустриските развојни зони. 

Во однос на нотираните забелешки каде што Република Македонија мора да направи позначителни чекори, е во делот на имплементацијата на голем дел од активностите коишто се преземени во делот на имплементирањето на голем број од законските и подзаконските акти коишто се донесени и истите се евалуирани. 

Заменик-министерот за економија кажа дека во целина Извештајот дава реална оценка за напредокот којшто го прави нашата земја во економската сфера и истиот претставува голем напредок на политиките којшто ги спроведува Владата низ собраниските тела и ја прикажува вистинската состојба на стабилност којашто постои на долгорочниот план во спроведувањето на економските политики.

Во расправата, покрај заменик-министерот за економија, учествуваа претседателот на Комисијата за економски прашања, г. Љубисав Иванов Ѕинго, членовите: г. Ристо Пенов, г. Марјанчо Николов и г-ца Нада Станчевска.

На крајот од расправата, Комисијата за економски прашања му предложи на Собранието на Република Македонија да го разгледа Извештајот од Европската комисија за напредокот на Република Македонија за 2010 година.

Click