Активности



Среда, 22 декември 2010 година

Педесет и петта седница на Комисијата за економски прашања

Комисијата за економски прашања на Собранието на Република Македонија вчера ја одржа својата Педесет и петта седница, на која како матично работно тело ги разгледа: Предлогот на законот за енергетика (прво читање); Предлогот на Одлука за давање на согласност на утврдената стапка на надомест од вкупниот приход на друштвата кои вршат енергетска дејност за финансирање на работењето на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија за 2011 година и Предлогот на финансискиот план на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија за 2011 година.

По Предлогот на законот за енергетика (прво читање), образложение даде министерот за економија, д-р Фатмир Бесими, кој истакна дека овој Предлог-закон претставува понатамошно усогласување со директивите и регулативите на Европската унија, коишто се однесуваат на пазарот на електричната енергија и природниот гас, како на снабдувањето, така и на преносот. Исто така во Предлог-законот се вградени директивите во областа на топлинската енергија, енергетската ефикасност и обновливите извори на енергија.

Целите се усогласување со Европската унија, либерализација на енергетскиот пазар, земајќи ги притоа спецификите на нашиот енергетски систем и искуствата од другите земји од регионот коишто се слични на нашиот систем.

Во Предлог-законот е воведен снабдувач во краен случај, од причина што потрошувачите мора да имаат стабилност во однос на дистрибуцијата и снабдувањето на електричната енергија.

Основните решенија на законот се состојат во овозможување на конкурентност на енергетските пазари и либерализација во снабдувањето со електрична енергија и природен гас, што подразбира избор на потрошувачите со свој снабдувач.

Министерот за економија ги истакна најзначајните измени, а тоа се: надградба на моделот на пазарот на електрична енергија, со цел воведување на нови форми на тргување со енергија и реална платформа за конкуренцијата на пазарот, еднаква позиција на сите учесници на пазарот, дополнување и прецизирање на одредбите коишто се однесуваат на непречен пристап на трети страни до енергетските мрежи, дополнувања на надлежностите на Регулаторната комисија за енергетика каде што истите се зголемуваат, особено во делот на мониторингот на пазарот и на условите на прекуграничната размена на енергија и јавност на информациите и контролата во работата на регулираните компании, како и нивно допрецизирање.

Исто така, како битна измена беше истакнато и допрецизирањето на критериумите и обврските за јавната услуга, квалитетот на снабдувањето со енергија и заштита на крајните потрошувачи.

Се предвидува целосна либерализација на пазарот на електрична енергија во 2015 година и се издвојува категоријата домаќинства кои остануваат тарифни потрошувачи до истата година.

Во делот на пазарот на нафта и нафтени деривати, воведена е одредба дека Регулаторната комисија за енергетика ќе донесе правилник со кој би се утврдиле цените на нафтените деривати и нивниот транспорт, а Владата на Република Македонија е предвидено да носи Уредба во однос на квалитетот на течните горива како и определување на процентуалната застапеност на биогоривата.

Измени се направени и во делот на топлинската енергија, каде што е предвидена целосна либерализација со снабдувањето, што значи дека крајната цена што ја плаќаат потрошувачите се состои од два дела, и тоа регулирана набавна цена и маржа за снабдување.

По завршувањето на расправата, Комисијата за економски прашања едногласно заклучи Предлогот на Закон за енергетика во прво читање е прифатлив и треба да се даде на натамошна постапка во Собранието на Република Македонија.

Во својство на претставник на предлагачот, на седницата присуствуваше г. Димитар Петров, претседател на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија, кој даде образложение по Предлогот на Одлука за давање на согласност на утврдената стапка на надомест од вкупниот приход на друштвата кои вршат енергетска дејност за финансирање на работењето на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија за 2011 година, како и по Предлогот на финансискиот план на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија за 2011 година.

Господин Петров истакна дека Регулаторната комисија, согласно Законот, го достави финансискиот план за 2011 година и врз основа на истиот се доби Мислење од Владата на Република Македонија, односно од матичното Министерство за економија, каде што беше предложено да се земат предвид антикризните мерки од страна на Владата на Република Македонија и истиот да се корегира во насока на намалување на вкупниот износ.

Со финансискиот план за 2011 година се предвидени вкупно потребни средства во износ од 53.255.451 денари, што е на пониско ниво во однос на одобреното во 2010 година.

Во однос на планираните приходи, согласно членот 34, став 1 од Законот за енергетика, средствата за покривање на планираните трошоци на Регулаторната комисија за енергетика за 2011 година треба да бидат обезбедени преку наплата на надомест од вкупно планираниот приход во 2010 година на друштвата кои вршат енергетска дејност во Република Македонија, остварен од домашниот пазар, како и од средствата обезбедени преку наплата за издадени лиценци.

Се предлага процентот на надоместокот од остварениот приход на друштвата што вршат енергетска дејност со кои ќе се финансира работењето на Регулаторната комисија за енергетика за 2011 година да изнесува 0,046% од остварениот вкупен приход на овие друштва, што е под законски предвидениот максимум од 0,1%.

Врз основа на расправата, Комисијата за економски прашања едногласно заклучи да му предложи на Собранието на Република Македонија да ја разгледа и да ја донесе одлуката за давање на согласност на утврдената стапка на надомест од вкупниот приход на друштвата кои вршат енергетска дејност за финансирање на работењето на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија за 2011 година.

Што се однесува на Предлогот на финансискиот план на Регулаторната комисија за енергетика за 2011 година, Koмисијата го прифати со мнозинство гласови и заклучи да му предложи на Собранието на Република Македонија да го усвои следниот Заклучок:

  1. Собранието на Република Македонија го разгледа и го усвои Финансискиот план на Регулаторната комисија за енергетика за 2011 година;
  2. Овој заклучок заедно со извештајот на Комисијата за економски прашања да се достави до Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија и до Владата на Република Македонија.
Click