Активности



Петок, 12 ноември 2010 година

Осумдесет и четврта седница на Комисијата за финансирање и буџет

Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија, на вчерашната, 84. седница, како матично работно тело ги разгледа: Среднорочната програма за формирање, чување, обновување и користење на стоковните резерви за период 2011-2015 година, Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за персоналниот данок на доход (прво читање) и Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за даночна постапка (во прво читање)

- Во врска со Среднорочната програма за формирање, чување, обновување и користење  на стоковните  резерви за  период 2011-2015 година, воведно образложение даде заменикот на министерот за финансии, г. Недим Рамизи, кој истакна дека со неа се планираат постојните стоки во стоковните резерви кои се опфатени во Законот за стоковните резерви и тоа на ниво кое ќе обезбеди покриеност на потрошувачката, и тоа - за пченица минимум 120 дена, пченка за 60 дена, јачмен за минимум 60 дена, готварска сол за минимум 45 дена, масло за јадење за минимум 45 дена, моторен бензин Еуросупер БС и мазут М-1 НС за минимум 5 дена, Еуродизел БС за минимум 7 дена и Екстра лесно ЕЛ-1 за минимум 4 дена. 

Комисијата едногласно заклучи да му предложи на Собранието на Република Македонија да ја разгледа и донесе Среднорочната програма за формирање, чување, обновување и користење  на стоковните  резерви за  период 2011-2015 година.

- Во воведното образложение по Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за персоналниот данок на доход (прво читање), заменик-министерот за финансии истакна дека неговата цел е да се изврши усогласување со Законот за технолошко-индустриски развојни зони, со тоа што ќе се предвиди целосно ослободување од обрската за плаќање на персоналниот данок на доход во времетраење од десет години од започнувањето на вршењето на дејноста во зоната, односно од првиот месец во кој корисникот ќе изврши исплата на плата, без разлика на бројот на вработените лица кај корисникот, под услови и постапка утврдени со  Законот за технолошки индустриски развојни зони. 

Истовремено, со предложените измени и дополнувања се намалуваат и износите на глобите и се одложува датумот за започнување на оданочување на каматите на орочените штедни и други депозити до 1 јануари 2013 година.

Комисијата  со шест  гласа „за“ и три „ воздржани“, заклучи дека Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за персоналниот данок на доход  е прифатлив и може да се даде на натамошно читање.

- Како основна цел на Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за даночна постапка (во прво читање),  г. Рамизи ги наведе: намалување на износите на глобите кои се предвидени со прекршочните одредби од овој закон, со истовремено воведување на можноста за спроведување на постапка за едукативно укажување од страна на овластениот даночен службеник во однос на определени неправилности сторени за прв пат;  пропишување на рок за исправка на неправилноста; како и воведување на обврска за Управата за јавни приходи за изготвување на квартални извештаи во однос на бројот на извршените контроли и нивно објавување на веб-страницата на Управата. 

Комисијата со пет гласа „за“ и три „воздржани“ заклучи дека овој Предлог на закон е прифатлив и може да се даде на натамошно читање.

Click