Активности



Вторник, 9 ноември 2010 година, Брисел 

Потребно е Македонија да се насочи кон реализирање на забелешките од Годишниот извештај  

Делегација на Комисијата за европски прашања на Собранието на Република Македонија, во состав г-ца Христина Рунчева - шеф на делегацијата и членовите г-ѓа Славица Грковска-Лошкова и г-ѓа Ермира Мехмети Деваја вчера и денес остварија повеќе средби со европратениците: г. Зоран Талер - известител за Македонија во Комисијата за надворешни работи на ЕП (АФЕТ), г. Јорго Шацимаркакис - копретседател на Мешовитиот парламентарен комитет РМ -ЕУ, г-ѓа Ана Ибрисагиќ, г. Иво Вајгл и г. Михаил Крамер во Европскиот парламент во Брисел.

На средбите, тема на разговорите беа евроинтегративните процеси во Македонија во пресрет на објавувањето на Годишниот извештај за напредокот на земјата во 2010 година од страна на Европската комисија. Притоа, беше речено дека по објавувањето на Годишниот извештај, Комисијата за надворешни работи - АФЕТ на Европскиот парламент ќе  отпочне со  изготвување на Резолуцијата за напредокот на земјата за наредната година и дека се очекува тој да биде доставен на усвојување во Европскиот парламент во првиот квартал од наредната година.

Известителот на АФЕТ за Македонија, г. Талер, посочи дека во претстојниот период потребно е Македонија да се насочи кон реализирање на забелешките кои ќе бидат нотирани во Годишниот извештај  за годинава. 

Во разговорите беше покренато и прашањето за потребата за што поскоро изнаоѓање на компромисно решение за разрешување на наметнатиот проблем од страна на Грција во врска со употребата на нашето уставно име.

Делегацијата, исто така, учествуваше и во работата на Конференцијата на националните парламенти на земјите-членки и земјите-кандидати за членство во Европската унија на тема: „По кризата: Како Европа ќе одговори на претстојните предизвици?". Во врска со темата, воведно излагање имаа претседателот на Европската комисија, г. Жозе Мануел Баросо и белгискиот премиер, г. Ив Летерм, кои ја истакнаа улогата на националните парламенти во врска со значајни европски прашања, како што е европската економска криза, исто така, како институции кои добија зголемени ингеренции по влегувањето во сила на Лисабонскиот договор, но и како непосредни претставници на европските граѓани.

 

 

Click