Активности

Четврток, 4 февруари 2010 година

Четврта седница на Комисијата за локална самоуправа

Комисијата за локална самоуправа на Собранието на Република Македонија на Четвртата седница, одржана на 3 февруари 2010 година, како заинтересирано работно тело го разгледа Предлогот на законот за плаќање на рати на даночни долгови на јавните претпријатија и трговските друштва основани од Република Македонија, односно од општините или Град Скопје, по скратена постапка.

Во својство на претставник на предлагачите, образложение по поднесениот закон даде потпретседателот на Собранието на Република Македонија, г-ѓа Светлана Јакимовска.

Таа истакна дека неопходноста за донесувањето на овој закон произлегува од констатираната состојба на јавните претпријатија каде што основачи се Република Македонија, општините и Градот Скопје, и истите се големи даночни должници и затоа се јавила потреба за изнаоѓање на оптимален начин за сервисирање на нивните стари даночни долгови, а со цел спречување на кумулирање на нови даночни долгови.

Со ова ќе се изврши непречено функционирање на работата на јавните претпријатија, бидејќи тие извршуват функција од поширок интерес за граѓаните. Големиот износ на даночните долгови на овие претпријатија оневозможува постигнување на наплата по брза и ефикасна постапка, а бидејќи најчесто државата е основач на овие претпријатија, постапката за присилна наплата не претставува најдобро и најоптимално решение.

Потпретседателот на Собранието истакна дека овој Предлог-закон бил разгледан од страна на Министерство за финансии и од ЗЕЛС.

Основна цел за донесувањето на овој  закон, според предлагачот, е да се подигне степенот на даночната дисциплина кај овие даночни обврзници, а истовремено да не дојде до пореметување на тековната ликвидност на овие претпријатија.

Предложениот закон дава можност старите долгови да се отплатат на месечни рати во текот на десет годишен период со грејс период од најмалку три години, а доколку даночниот должник не плати два едно по друго месечни ануитети, со истиот ќе биде раскинат договорот. Оние, пак, даночни должници кои  во целост ќе го подмират својот долг, нема да бидат обврзани да ја платат каматата, а услов за плаќање на долгот на рати е редовно плаќање на даночните обврски коишто потекнуват од 1 јануари 2010 година. Предлагачот, исто така, додаде дека за спроведувањето на овој закон не се потребни финансиски средства ниту пак материјални обврски за одредени субјекти.

Во расправата учествуваа членовите на Комисијата: г-ѓа Флора Кадриу, г. Цветко Грозданов, г-ѓа Лилјана Поповска, г. Живко Пејковски, заменик-членот г. Горан Сугарески и пратеникот г. Томе Чинговски.

По завршувањето на расправата, Комисијата едногласно заклучи Предлогот на законот за плаќање на рати на даночни долгови на јавните претпријатија и трговските друштва основани од Република Македонија, односно од општините или Град Скопје, да се проследи на натамошна постапка.
Click