Активности



Среда, 15 декември 2010 година

ЕДИНАЕСЕтТО ИЗДАНИЕ НА БИЛТЕНОТ НА МЕШОВИТИОТ ПАРЛАМЕНТАРЕН КОМИТЕТ – ЕДНА ГОДИНА ОД ИЗЛЕГУВАЊЕТО НА ПРВИОТ БРОЈ

На 15 декември 2010 година, во пресрет на новогодишните и божикните празници, излезе новиот, 11-ти број на Билтенот на Мешовитиот парламентарен комитет. Во Билтенот е поместено обраќање на ко-претседавачот, пратеникот Александар Спасеновски до колегите европратеници, како и до другите личности кои го добиваат Билтенот, како и една фото-репортажа од најзначајните меѓународни активности на македонскиот законодавен дом во изминатите 365 дена.

Во писмото до своите колеги, г. Спасеновски, прави ретроспектива на изминатата година во однос на содржините и целите поради кои ова информатичко гласило контиуирано информира за поважните настани од македонскиот законодавен дом во делот на европските интеграции и меѓународните односи.

„Свесни за вредноста на информацијата, верувам дека објавувањето на нашиот месечник е чекор кој е добредојден од сите добронамерници. Фактот што Билтенот редовно е доставуван на голем број е-mail адреси во Македонија, во ЕУ и во државите-членки на Унијата, а истовремено е достапен на веб-порталот на Собранието – мислам дека говори доволно за етаблирањето на неговата улога како едно од можните извори на информации на македонското законодавство“, истакнува г. Спасеновски.

Изложувајќи ги накратко активностите на Мешовитиот парламентарен комитет и на Собранието на Република Македонија во делот на процесот на евроинтеграции кои ја одбележаа изминатата година, Спасеновски посочува дека Собранието направило уште еден исчекор кон усогласувањето на македонската и европската легислатива и дека и покрај тоа што сè уште постојат предизвици кои треба да се совладуваат, единствено преку засилен ангажман на институциите на системот, чиј централен дел е Собранието, но и со поддршка од нашите европски пријатели, Република Македонија ќе може да ги искачи европските врвови, пред кои како општество и нација е исправена.

„Задржувајќи го позитивниот импулс, продолжуваме понатаму, знаејќи дека во годината која следи ќе се исправат пред нас нови препреки, но ќе се отворат и нови можности. Искрено се надевам дека првите лесно ќе ги надминеме, а вторите во целост ќе ги искористиме“, завршува г. Спасеновски, посакувајќи им на сите среќни и од бога благословени новогодишни и божиќни празници.

* * *

Изминатите 12 месеци, Мешовитиот парламентарен комитет преку Билтенот редовно на месечна основа ги информира европратениците во Европскиот парламент, но и пратениците во националните парламенти на земјите-членки и земјите-кандидати за ЕУ кои работат на европски прашања, администрацијата во Европскиот парламент и националните парламенти, преставници на домашни и странски невладини организации, институции и образовни установи од земјата и од странство, за сите активности на Собранието на Република Македонија поврзани со евроинтегративниот процес. Билтенот се изготвува во соработка со Министерството за надворешни работи на Република Македонија.

Последниот број на Билтенот, како и неговите минати изданија, можете да ги прочитате на следнава адреса:
http://www.sobranie.mk//mpk-bilten.nspx
а за повеќе информации за активностите на МПК, одете на следниов линк:
http://www.sobranie.mk/default.asp?ItemID=B052DC5680964D41A79CCA558F2A68E4

Click