Активности



Среда, 10 ноември 2010 година

Еврокомесарот г. Ерван Фуере го презентираше Годишниот извештај пред Комисијата за европски прашања

Специјалниот претставник на Европската унија и шеф на Делегацијата на Европската комисија во Република Македонија, г. Ерван Фуере на шеесет и втората седница на Комисијата за европски прашања денеска го презентираше Годишниот извештај на Европската комисија за напредокот на Република Македонија за 2010 година.

Со седницата претседаваше г. Петар Поп Арсов, претседател на Комисијата за европски прашања, а свое учество зедоа и членовите на Комисијата за надворешна политика, на Мешовитиот парламентарен комитет, Националниот совет за евроинтеграции и вицепремиерот за евроинтеграции, г. Васко Наумовски.

Претседател на Комисијата за европски прашања, г. Петар Поп Арсов истакна дека овој извештај е објективен и ја дава реалната слика за состојбите во Република Македонија и треба да биде третиран како позитивен, бидејќи Европската комисија повторно упати порака за отпочнување на пристапните преговори.

Претседателот го искажа своето задоволство што Европската комисија ги нотирала сите достигнувања кои Република Македонија ги има постигнато до сега, но и за упатените забелешки од сите аспекти на кои треба да се работи понатаму, воедно изрази надеж дека во иднина Република Грција ќе покаже позитивна волја за надминување на овој спор.

Амбасадорот Ерван Фуере во својата презентација на Годишниот извештај на Европската комисија за напредокот на Република Македонија за 2010 година уште еднаш го нагласи она што беше кажано и во Брисел дека Република Македонија продолжува со задоволително исполнување на политичките и економските критериуми и дека е подготвена за отпочнување на пристапните преговори.

Во однос на владината коалиција, истакнато е дека таа  е стабилна и дека има соработка меѓу политичките сили што ја сочинуваат. Прогресот направен во поглед на реформите во Собранието, полицијата, судството, јавната администрација и културните права и правата на малцинството беше поздравен од страна на амбасадорот г. Фуере.

Охридскиот договор останува и понатаму клучен елемент за демократијата и владеењето на правото, доказ за континуираната меѓуетничка соработка.

Вицепремиерот за евроинтеграции, г. Васко Наумовски се заблагодари на Европската комисија за објективниот извештај и повторната препорака за отпочнување на пристапните преговори, посочувајќи дека овој позитивен извештај е показател дека Република Македонија оди напред во процес на исполнување на Копенхашките критериуми и ЕУ интегрирањето.

На седницата покрај претседателот на комисијата г. Петар Поп Арсов свои излагања имаа г-ѓа Теута Арифи, претседател на Комисијата за надворешна политика, г. Радмила Шекеринска Јанковска, претседател на Националниот совет за евроинтеграции, г. Силвана Бонева, потпретседател на Националниот совет за евроинтеграции, потоа пратеници од Собранието на Република Македонија и членови на Комисијата за надворешна политика и Националниот совет за евроинтеграции г-ѓа Лилјана Поповска, г-ѓа Ермира Мехмети Деваја, г. Александар Николоски, г. Андреј Жерновски, г-ца Христина Рунчева, г-ѓа Владанка Авировиќ, г. Горан Мисоски, г-ѓа Флора Кадрију, г. Павле Трајанов, и претставници на Националниот совет за евроинтеграции г. Томе Колев, Католичка црква, г. Мирче Чекреџи, претседател на Сојузот на стопански комори на Македонија.

На крај од расправата Комисијата за европски прашања предложи Годишниот извештај на Европската комисија за напредокот на Република Македонија за 2010 година да биде разгледан на пленарна седница.

Click