Активности



Среда, 27 јануари 2010 година

Финскиот модел како помош за членство на Македонија во ЕУ

Членови на Комисијата за надворешна политика на Собранието на Република Македонија денеска остварија средба со Делегација на Големата комисија за европски прашања на Финскиот парламент.

Во составот на финската делегација беа г. Еро Акан Пентела, г. Еско Кивиранта, г. Мати Каупила, г-ѓа Хели Јарвинен, г. Анти Вуолане, г-ѓа Елисабет Науклер, г. Петер Сарамо, во придружба на амбасадорот на Република Финска за Република Македонија, Н.Е. г. Ари Хеикинен и секретарот на амбасадата, г-ѓа Кристина Роине.

Од друга страна, во улога на домаќини, беа членовите на Комисијата за надворешна политика: г. Васко Шутаров, г-ца Христина Рунчева, г. Павле Трајанов, г. Игор Ивановски, г. Владо Бучковски, г. Назиф Буши и г-ѓа Фљора Кадриу.

Македонските пратеници изразија благодарост за успешната соработка и за поддршката која Финска ѝ ја дава на Република Македонија во процесот на евроинтеграции.

Акцентот беше ставен на проблемот со името меѓу Македонија и Грција, кој не е проблем само меѓу двете земји, туку и пречка на Македонија на патот кон членство во Европската унија и НАТО.

Беше истакнато дека Македонија очекува помош од Финска, ако се знае дека таканаречениот фински модел им помогнал на многу земји аспиранти за ЕУ. Во однос на ова, гостите потенцираа дека иако овој модел е позитивен, сепак од политичарите зависи како тој ќе се искористи.

Тие изразија мислење дека Република Македонија е на добар пат кон членство во Унијата, за што говори и позитивниот Извештај на Европската комисија, но прашањето за името сè уште претставува проблем.

Средбата се искористи и за да се апелира за зајакнување на трговската соработка меѓу двете земји, а имаше и позитивни реакции во врска со испраќањето на македонски војници во мировни операции.

На крајот, присутните изразија надеж дека контактите меѓу Македонија и Финска ќе бидат почести и дека ќе се продолжат пријателските односи.

Click