Активности



Понеделник, 25 јануари 2010 година

Изјава за медиуми по средбата на претседателот на Собранието г.Трајко Вељаноски со амбасадорот на Република Полска г. Карол Бахура и претседателот на еврејската заедница во Република Македонија г-ѓа Бјанка Суботиќ

Денешната средба со Неговата Екселенција амбасадорот на Република Полска и наш пријатетел, господин Карол Бахура и со претседателот на Еврејската заедница во Република Македонија, госпоѓа Бјанка Суботиќ, беше по повод претстојното одбележување на 65-годишнината од ослободувањето на нацистичкиот логор Аушвиц, со што на своевиден начин се одбележува и крајот на холокаустот. По тој повод, во Краков на 26 и 27 овој месец, ќе се одржи меѓународна конференција посветена на холокаустот, но и конференција на промоција на толеранцијата и дијалогот, како вредности со кои се гради мирот.

Конференцијата е во организација на Европските пријатели на Израел, а учесници ќе бидат повеќе претседатели на европските парламенти и парламентарци, потоа највисоки претставници на Израел и други. Сакам да истакнам дека со големо задоволство ја примив поканата како претседател на Собранието на Република Македонија да учествувам на овој, за мене, многу значаен собир, бидејќи негова основна цел е да не дозволиме да се создадат услови повторно да се повтори холокаустот и уште еднаш да се афирмираат толеранцијата, дијалогот, почитувањето на човековите права, како вредности врз кои треба да ја градиме иднината на светот.

Моето учество го сметам и како признавање за Република Македонија, во која сите заедно градиме општество во кое почитувањето на човековите права, толеранцијата кон другиот, различниот, се вредности кои не само во законска рамка, туку секојдневно се потврдуваат и надградуваат. Во исто време, ова е повод уште еднаш со пиетет да се потсетиме на околу 7200 наши сограѓани Евреи кои во 1943 година беа депортирани од Македонија и трагично беа ликвидирани во логорот на смртта Треблинка.

Click