Активности



Четврток, 11 ноември 2010 година

Македонија покажа дипломатска успешност во претседавањето со Комитетот на министри на СЕ

Република Македонија покажа голема дипломатска успешност за улогата која ја одигра Советот на Европа во Грузија, за помагањето во деблокирањето на мировниот процес во регионот на Јужна Осетија, како и за начинот на кој успеа да постигне согласнот кај сите 47 земји-членки на СЕ околу усвојувањето на Декларацијата за Ромите од Стразбур, беше оценето на вчерашниот состанок на Комитетот на министри на Советот на Европа, кога нашата земја ѝ ја предаде улогата претседавач на Република Турција.

„Претседавањето претставуваше чест, напор и обврска за Македонија. Покажавме зрелост и капацитет да раководиме со оваа институција со добра програма и идеи за реформи на Советот на Европа“, изјави македонскиот министер за надворешни работи, г. Антонио Милошоски.

При симболичното предавање на клучот на состанокот во Стразбур, неговиот турски колега, г. Ахмет Давутоглу, се заблагодари за успешното претседателство на Република Македонија со најстарата паневропска организација за заштита на човековите права, демократијата и владеењето на правото.

Со пофални зборови за македонското претседавање се изразија и претседателот на Парламентарното собрание на Советот на Европа, г. Мевлут Чавушоглу и генералниот секретар на Советот на Европа, г. Торбјорн Јагланд.

Шефот на македонската дипломатија потсети на активностите кои македонското претседателство ги реализираше во изминатите шест месеци, а кои беа фокусирани на засилување на заштитата на човековите права, јакнење на интеграцијата со почитувањето на различностите и промоција на младинската соработка.

Република Турција одвои пет приоритети на кои ќе се насочи до мај 2011 година кога ќе ѝ го предаде мандатот на Украина, а тоа се: реформи во Советот на Европа, реформи во Европскиот суд за човекови права, засилување на независниот механизам за контрола, присоединување на ЕУ кон Европската конвенција за човекови права и состаноци за поттикнување на мултикултирни општества во Европа.

Click