Активности



Четврток, 11 ноември 2010 година

Обраќање на претседателот Вељаноски по повод дваесет години од првите парламентарни избори

Почитувани членови на првиот парламентарен состав на Собранието на Република Македонија,
Почитувани колеги пратеници на актуелниот состав на Собранието,
Дами и господа,

Првите парламентарни избори, одржани пред дваесет години, според мене, претставуваат, заедно со Референдумот на 8 септември, заокружување на вековната идеја и стремежот на македонскиот народ и на сите граѓани на Република Македонија за самостојна независна држава, која ќе се темели врз принципите на парламентарната демократија, човековите права и слободи, владеењето на правото, почитувањето на приватната сопственост и на пазарните законитости.

Во исто време, првите парламентарни избори, а подоцна конституирањето на првиот плурален парламент, фактички и уставно правно, а секако државотворно, започнува процесот на градење на самостојна држава, на освојување и имплементација на демократските принципи, а со тоа и остварувањето на нашите стратешки определби. Создавање на демократско општество во кое граѓанинот ќе биде носител на власта, понатаму вклучувањето на Република Македонија како препознатлив, но и одговорен субјект во меѓународните организации, а во тие рамки нашата стратешка определба, а тоа се евроатлантските интеграции.

Пред дваесет години, на денешен ден, над 84 проценти од граѓаните на Република Македонија со право на глас излегоа на првите повеќепартиски избори. Да потсетам, се гласаше според мнозинскиот модел, а Република Македонија беше поделена на десет изборни единици. На изборите учествуваа 1.115 кандидати од 18 политички партии, заеднички кандидати на одредени политички партии, а имаше 45 независни кандидати.

По вториот круг на избори во составот на првото повеќепартиско Собрание со свои пратенички групи влегуваат следниве политички субјекти:
ВМРО- ДПМНЕ со 38 пратеници е најголема пратеничка група, СКМ Партија за демократска преобразба односно денешната СДСМ има 31 пратеник, Партијата за демократски просперитет доби 17 пратенички места и уште 5 пратеници на заедничката листа со Народната демократска партија, Сојузот на реформските сили доби 11 пратеници, плус 5 пратеници на заедничката листа со Демократско-прогресивната странка, понатаму Социјалистичката партија со 6 пратеници, а исто така на заедничките листи со Партијата за целосна еманципација на Ромите еден пратеник и еден пратеник на заедничката листа со Реформските сили на Македонија и Младата демократска странка. Во првиот парламентарен состав влегоа и тројца независни кандидати.

Дами и господа,
Почитувани колеги,

Ваков висок одѕив на граѓаните, според мене, само го потврдува високото чувство, желба, како и одговорност на граѓаните за самостојна држава Република Македонија. На 8 јануари 1991 година се одржува конститутивната седница на првиот парламент, на која за прв претседател на Собранието е избран почитуваниот колега Стојан Андов кој и денеска заедно со колегите Тито Петковски и Љубисав Иванов-Ѕинго, се овде меѓу нас како пратеници, а јас се надевам дека ќе ги гледаме и понатаму.

Вие, пратениците, од првиот состав на Собранието на Република Македонија, на себе ја презедовте обврската и одговорноста тие стремежи и определби да ги реализирате преку донесувањето на уставно-правната основа за самостојна Република Македонија.

Да потсетам, на некои од најзначајните акти кои беа усвоени тогаш. Прво е Декларацијата за сувереност, со која се дефинира политичката платформа на Република Македонија.

Првиот плурален парламент го избра и првиот претседател на Република Македонија, господинот Киро Глигоров и ја избра и првата Влада на Република Македонија на чело со академикот Никола Кљусев.

Вие го усвоивте и првиот Устав на Република Македонија, химната и знамето, потоа го распишавте, го спроведовте и го реализиравте Референдумот за независност и така натаму.

Почитувани колеги,

Верувам дека историската, како и уставно-правната улога и придонес на првиот мандатен состав на Собранието на Република Македонија ќе биде предмет на сериозни историски и правни истражувања, што секако ќе ја збогати македонската историска и правната наука. Јас, накратко би се задржал на сегашноста, која ја градиме врз темелите кои вие ги воспоставите. Уште пред дваесет години како една од стратешките определби беше определена вклучувањето на Република Македонија како полноправна членка на ЕУ и НАТО, тргнувајќи од фактот дека Република Македонија, македонскиот народ и сите граѓани на Македонија, историски, културно и цивилизациски му припаѓаме на големото европско семејство.

Само да потсетам, вчера формално ми беше предаден Извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Македонија. За мене, како претседател на Собранието, е многу важно што и оваа година Македонија добива позитивен извештај и препорака за добивање на датум, а во Извештајот, како и лани, посебно ја истакнува позитивната улога и напредокот на Собранието на Република Македонија во овие интеграциони процеси. Тоа покажува дека оние темели на парламентарната демократија кои вие ги поставивте еве во изминативе години успешно се надградуваат и развиваат. Почитувани, Република Македонија со Уставот кои вие го усвоивте, а потоа со уставните амандмани кои произлегоа од Охридскиот договор е дефинирана како унитарна држава, а истовремено како мултиетничко и мултикултурно  општество. Токму ние во Собранието ги донесовме сите оние потребни законски акти во кои се преточени уставните амандмани од Рамковниот договор.

И на крајот, би се задржал на една сосема нова димензија, која, ајде да се пофалам, во целост е резултат на сегашниот актуелен парламентарен состав. Тоа е таканаречениот Е-парламент.

Денеска, сè што се случува во Собранието, од влегувањето на законот во собраниската процедура, преку поднесувањето на амандмани, па сè до неговото усвојување и објавување, се води по електронски пат. Придобивка, со која Собранието на Република Македонија се вбројува во европскиот врв кога станува збор за користење на интернетот и современите технологии на комуницирање.

Почитувани колеги,

Дозволете на крајот уште еднаш да Ви се заблагодарам за вашиот огромен придонес, за Вашата храброст во тие времиња пред дваесет години, кои беа многу турбулентни и оружјето веќе се слушаше на просторот на некогашната заедничка држава, да го понесете и изведете процесот на осамостојување и тоа на мирен начин и успешно да ги поставите темелите на парламентарната демократија кај нас. На сите Вас, Ви посакувам, пред сè, лична среќа и добро здравје, со една заедничка желба во еден разумен временски рок сите заедно да го славиме нашето полноправни членство во евроатлантските интеграции.

Ви благодарам.

Click