Активности



Петок, 5 ноември 2010 година

Потребно е да се негува македонскиот литературен јазик

Комисијата за култура во Собранието на Република Македонија, на својата Осумнаесетта седница, одржа јавна расправа на тема „Македонскиот литературен јазик и неговата примена во јавната комуникација“, што беше можност да се дискутира за актуелната состојба со македонскиот јазик, можност да се потсетиме за вистинските вредности на јазикот, за тоа како сите ние треба да се грижиме за него, како да го спречиме неговото уништување, во ова време кога сме сведоци на неговата неправилна употреба, кога постои реална закана за претоп на македонскиот јазик

„Јазикот е несомнено, културно наследство во коешто се обединува духовната и материјалната култура на човештвото. Македонскиот јазик е најреферентното обележје на македонскиот народ, јазик признаен во светот, а преку него признаен и потврден народот што го зборува“, истакна претседателот на Комисијата, г. Васко Шутаров, во своето воведно обраќање.

Видни и докажани личности, професори, одржаа вистинска лекција за целиот македонски народ, за оние кои лесно се откажуваат од вредностите на својот јазик, притоа давејќи го својот речник во туѓизми, божем модерни зборови кои го рушат јазикот за кој треба да се грижиме во име на нашите предци и нашите наследници.  

Во расправата учествуваа: г. Дарко Стефановски, државен секретар на  Министерството за култура; г-ѓа Светлана Христова-Јоциќ, писател; г-ѓа Бранка Станковска, спикер; актерките г-ѓа Милица Стојанова и г-ѓа Шенка Колозова; професорите:  г. Живко Цветковски, г-ѓа Стојка Бојковска, г. Томислав Треневски, г-ѓа Весна Мојсова-Чепишевска, г. Владимир Ивановски, г-ѓа Лилјана Гушевска, г. Душко Перински од ССОУ „Моша Пијаде“ - Тетово; г-ѓа Софија Гогова Врчаковска, водител на радио програма; г-ѓа Марија Саздева, ТВ водителка; директорката на Институтот за македонски јазик „Крсте Петков Мисирков“, проф. д-р Веселинка Лабровска; поетот Никола Маџиров; г-ѓа Ружа Ѓорѓеска од Министерството за образование; Соња Богојевска, лектор во Собрание на Република Македонија, како и пратениците; г-ѓа Силвана Бонева, г-ѓа Наташа Јаневска и г-ѓа Роза Топузова-Каревска.

Беа наведени многу цитати од високоценети македонски поети, професори, кои вистински се бореа и се борат за зачувување на македонскиот јазик како светост, кои го именуваа зборот како единствен пријател во животот, зашто ќе умре сè што е во книгата, само не и книгата, зашто книгите се родниот крај. 

Јазична поезија се излеа од срцата на директно засегнатите, почитувачи и вљубеници во македонскиот литературен јазик, оние кои најдлабоко ја чувствуваат болката од неговото нарушување, зашто нема нација без јазик или како што рекол почитуваниот професор Блаже Конески - „Нашиот јазик е нашата вистинска татковина“ - исказ кој треба да биде водилка за секого.

Учесниците се навратија на времето кога се водеше поголема сметка за правилната употреба на македонскиот литературен јазик, потенцираа дека лектор е сериозна и одговорна работа и дадоа апел до родителите да ги учат децата дека македонскиот јазик е битен, упатија повик до политичарите и особено новинарите, да внимаваат при употребата на литературниот јазик, зашто јавно изговорениот збор носи голема одговорност. Дијалектите се богатството на јазикот, но треба точно да се знае каде да се употребат.

Со исказот на професор Венко Андоновски дека македонскиот јазик е како запуштено дете, беше отсликана реалноста на нашата јазична ситуација, но големата мисла на уште поголемиот Петре М.Андреевски дека „без јазикот ќе си недостигаме самите на себе, оти само јазикот никогаш не нè оставил сами и тој памети многу повеќе отколку што ние можеме да заборавиме“, треба да остане вечна поука и порака до сите нас.

Click