Активности



Четврток, 18 ноември 2010 година

Презентирани резултатите од анкетата за работата на Собранието

Во Собранието на Република Македонија беше извршена презентација на резултатите од направената анкета за неговата работа, во рамките на проектот со Вестминстер фондацијата за демократија за зајакнување на капацитетите на Собранието, спроведена од страна на Институтот за демократија „Societas Civilis“, со цел да се измерат перцепциите на граѓаните за работата на македонскиот законодавен дом.   

Истражувањето на јавното мислење е реализирано преку телефонска анкета, во која учествувале 1105 испитаници од сите региони во Република Македонија, во периодот од 11 до 16 ноември 2010 година.

Во стандардизираниот прашалник, средната оценка за Собранието на Република Македонија е 2,4, што е мал пад во однос на јануари 2010 година, кога изнесувала 2,59. Ефикасноста на македонското собрание 41,6% од испитаниците ја оцениле како делумно ефикасна, а 55% сметаат дека тоа е отворено за јавноста. Контролата на Собранието врз Владата е оценета како мала од 54% од анкетираните, а 30% ја оцениле како соодветна.

Нешто повеќе од половина од испитаните се запознаени со работата на Собранието и тоа најмногу преку телевизијата - речиси 70%, а потоа преку интернетот - 15,1%. Добиените информации од медиумите 53,8% сметаат дека се доволни за да бидат во тек со најважните законски промени. Собранискиот канал секој ден го гледаат 13,9%, ретко го следат 31,8%, а никогаш не го гледаат 20,2% од анкетираните.

90,6 % од анкетираните сметаат дека пратениците треба да ја зголемат иницијативноста, негативно за нивната работа се изјасниле 53,2%, половина сметаат дека не се достапни за средби со нив, а 57% рекле дека пратеникот од нивната изборна единица не покренал иницијатива во Собранието за проблем од нивната општина. 49,2% ја оцениле работата на претседателот на Собранието како позитивна, наспроти 34% кои ја сметаат за негативна.

Дека Комисиите имаат позначајна улога во работата на Собранието во последните месеци мислат 55,5% од испитаниците, а 86,9% сметаат дека Комисиите треба да вршат надзор врз спроведувањето на законите од страна на министерствата. Нивната работа делумно ја следат 48,3% од анкетираните лица, а 5% помалку воопшто не ја следат.

Инаку, ова истражување е дел од редовните истражувања кои ја мерат перцепцијата на граѓаните за работата на Собранието на Република Македонија, а проектот за зајакнување на капацитетите на Собранието, кој се спроведува од страна на Вестминстер, е поддржан од Британската амбасада во Република Македонија.

Click