Активности



Четврток, 16 декември 2010 година

Средба на потпретседателот на Собранието на Република Македонија, г-ѓа Светлана Јакимовска со делегација на Државната дума на Руската Федерација

Потпретседателот на Собранието на Република Македонија, г-ѓа Светлана Јакимовска денеска оствари средба со делегација на Државната дума на Руската Федерација, предводена од претседателот на Комисијата за меѓународни работи на државната Дума на Руската Федерација, г. Константин Косачев.

На средбата присуствуваа и претседателот на Комисијата за надворешна политика во Собранието на Република Македонија, г-ѓа Теута Арифи и претседателот на Пратеничката група на Собранието на Република Македонија за соработка со Парламентот на Руската федерација, г. Љубисав Иванов Ѕинго.

Потпретседателот Светлана Јакимовска истакна дека соработката меѓу двете држави на политички план е интензивирана, а дека македонско-рускиот дијалог се одржува на различни нивоа и е во функција на заемно информирање и размена на мислења за најбитните внатрешни и надворешно-политички прашања од интерес на двете држави.

Исто така, беше истакнато дека добрите и пријателски односи меѓу двете држави се пресликани и во парламентарната соработка, како на билатерално ниво меѓу Собранието на Република Македонија и Руската федерација, така и на мултилатерално ниво, во рамките на меѓународните парламентарни собранија во кои членуваат двата парламента.

Претседателот на Комисијата за меѓународни работи на државната Дума на Руската Федерација, г. Константин Косачев истакна дека се заинтересирани за развој на соработка на сите нивоа, а пред сè на парламентарно ниво. Стабилна и сигурна Република Македонија значи стабилен и сигурен Балкан.

Исто така, беше истакнато дека Руската федерација ја следи ситуацијата во Република Македонија и дека е запозната со проблемите кои ги има со своите соседи и дека ја поддржуваат Република Македонија во решавањето на проблемите по мирен пат.

Click