Активности

Понеделник, 8 ноември 2010 година
 
Република Македонија позитивно гледа на словенечко-хрватскиот модел

Претседателот на Комисијата за европски прашања, г. Петар Поп-Арсов денеска имаше средба со г. Јохан Давид Вадефул, известувач на парламентарната група на ЦДУ/ЦСУ во Комисијата за ЕУ на германскиот Бундестаг за Република Македонија.

На состанокот присуствуваа и членовите на Комисијата за европски прашања: Тахир Хани од ДУИ, Станка Анастасова од СДСМ, Васко Шутаров од ВМРО-ДПМНЕ, Силвана Бонева од ВМРО-ДПМНЕ, Фљора Кадриу од ДП и Панче Дамески од ВМРО-ДПМНЕ, а во делегацијата на ЦДУ/ЦСУ беа Н.Е. Улрике Кноц, амбасадор на Сојузна Република Германија во Република Македонија и г. Антониус Халбе.

Во своето воведно излагање претседателот на Комисијата за европски прашања, г. Петар Поп-Арсов упати голема благодарност за континуираната поддршка што Сојузна Република Германија ? ја дава на Република Македонија во однос на евроатлантските интеграции, поддршка која е од големо значење за нашата држава, која има јасна определба за стекнување статус на полноправна членка на Европската унија и на НАТО.

Воедно гостите беа запознати со парламентарната соработка и парламентарната дипломатија на Собранието на Република Македонија и со работата на Комисијата за европски прашања.

Претседателот на Комисијата за европски прашања, г. Петар Поп-Арсов истакна дека клучен непосреден приоритет на Република Македонија во евроинтеграцијата останува добивањето датум за почеток на пристапните преговори. Тој истакна дека фокусот на нашата држава останува насочен на два главни колосека: ефикасно спроведување на реформите и максимизирање на напорите за разрешување на билатералниот спор за името со Грција под покровителство на Обединетите нации.

Тој истакна дека нашиот пристап во разговорите под покровителство на Обединетите нации продолжува да биде активен и конструктивен, и со интензивирана динамика насочена кон изнаоѓање на разумно компромисно решение прифатливо за двете страни. Република Македонија, истакна Поп-Арсов, позитивно гледа на словенечко-хрватскиот модел на паралелно движење напред во евроинтегративниот процес и во разрешувањето на билатералниот спор.

Во дискусијата учествуваа сите членови на Комисијата за европски прашања.

Известувачот на парламентарната група на ЦДУ/ЦСУ во Комисијата за ЕУ на германскиот Бундестаг за Република Македонија, г. Јохан Давид Вадефул истакна дека е многу битно да се има пријателски врски меѓу двете држави, меѓу Република Македонија и Грција.  Исто така, тој истакна дека пристапните договори можат да почнат, но позицијата за името мора да се реши пред тоа.

Тоа треба да биде рационален процес, процес со малку сентименталност, и дека разговорите, сепак, треба сами да ги водат државите и дека сами треба да ја донесат одлуката.

Би било разочарувачко и штета да се одолговлекува заради спорот со името со започнувањето со преговорите за членство во Европската унија.

Прашањето за името лебдее над сите нас и мора да се реши, компромис е  дека двете страни мора политички да им соопштат на своите граѓани зошто попуштаат, тоа не е лесно, но тоа мора да се направи, истакна г. Јохан Давид Вадефул.
Click