Активности



Четврток, 18 ноември 2010 година, Клуб на пратенички

Учеството на жените е важно за севкупното општество

Клубот на пратенички во Собранието на Република Македонија одржа работна средба со амбасадорот на Кралството Холандија, Н.Е. Симоне Филипини, како и со генералниот директор и со управниот директор на холандската организација Women Inc, г-ѓа Џанет Ваесен и г-ѓа Алет Кларенбеик.

На средбата, покрај коoрдинаторката, г-ѓа Катерина Димеска, присуствуваа и членките на претседателството: г-ѓа Славица Грковска, г-ѓа Зумрете Јакупи, г-ѓа Флора Кадриу и г-ѓа Соња Мираковска.

Работната средба со свое воведно излагање ја отвори координаторката, г-ѓа Катерина Димеска, која ги запозна присутните со составот, активностите и позначајните достигнувања на Клубот на пратенички, истакнувајќи ја заедничката и единствена цел на Клубот на пратенички - преку законски решенија да се постигне родова еднаквост и унапредување на правата на жените, нивно активно вклучување во процесот на одлучување на државата, како и зајакнување и ширење на демократијата во сите сфери на македонското општество, потенцирајќи го принципот на консензус врз кој работи и одлучува Клубот на пратенички.

Aмбасадорот на Кралството Холандија, Н.Е. Симоне Филипини, заедно со г-ѓа Џанет Ваесен и г-ѓа Алет Кларенбеик, ја искористија оваа работна средба за презентација на активностите на огранизација Women Inc, чијашто цел е да обезбеди целосно учество на жените во холандското општество.

Еднаквото учество на жените не е само важно за индивидуалната позиција на жената, туку и за целото општество од сите аспекти, без оглед дали станува збор за економијата, науката, културата, моќта итн.

Госпоѓа Ваесен ги посочи петте цели на кои работи Women Inc, а тоа се: спроведување на економската независност, користење на правата на жените, еманципација на родителството, зголемена застапеност и различност на жените во медиумите, зголемено учество на жените, особено мобилност во образованието и вработувањето.

Пратеничките г-ѓа Славица Грковска, г-ѓа Зумрете Јакупи, г-ѓа Флора Кадриу и г-ѓа Соња Мираковска, г-ѓа Наташа Јаневска, г-ѓа Цветанка Иванова, г-ѓа Лилјана Поповска и г-ѓа Даниела Димитриевска, извршен директор на Македонското женско лоби, се согласија дека и за Република Македонија во однос на прашањето за жените, овие пет цели се исто така битни, но можеби со поинаков редослед.

Воедно, беше посочено дека Република Македонија има свои мрежи за еманципација на жените кои работат на лобирање и спроведување на терен на активностите кои се битни.

Учесниците согласно повикаа и понатаму да се работи на обезбедување на финансии за одржување на веќе постоечката мрежа, зголемување на квотите за жените како во законодавната, така и во извршната власт, да се работи на полето во борба против сиромаштијата и подобрување на положбата на жената.

На крај од средбата беше истакнато дека градењето на мрежи, систем од ваков тип е со цел подигање на свеста и еманципација на жените, но за да се обезбеди нивна еманципација потребна е и поддршката и еманципацијата на мажите.

Click