Активности



Четврток, 23 декември 2010 година, Ерусалим

ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА СОБРАНИЕТО НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА ОСТВАРИ СРЕДБА СО ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА ДРЖАВАТА ИЗРАЕЛ, Г. ШИМОН ПЕРЕЗ

На последниот ден од официјалната посета на Државата Израел, претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, оствари средба со претседателот на Државата Израел, г. Шимон Перез. Средбата протече во духот на унапредување на заемното пријателство и соработка меѓу двете држави, при што беа разменети и пренесени искуства за прашања од заеднички интерес.

Претседателот Вељаноски уште еднаш изрази задоволство од топлиот и срдечен прием, потенцирајќи дека Државата Израел во Република Македонија има искрен пријател кој води сметка за нејзините витални интереси. Република Македонија како членка на НАТО и Европската унија ќе биде поддржувач на Државата Израел. Искажувајќи задоволство од високото ниво на остварени посети оваа година, претседателот нагласи дека тоа е показател за интензивниот развој на односите меѓу двете земји.

Претседателот Вељаноски ја искористи оваа прилика да го информира претседателот Перез за напорите и активностите кои се преземаат за што побрзо довршување на Меморијалниот центар на холокаустот во Скопје, при што му предаде официјална покана од претседателот на Република Македонија, г. Ѓорге Иванов, до претседателот Перез за негова посета и присуство на свеченото отворање на Меморијалниот центар во март следната година.

Претседателот на Државата Израел, г. Шимон Перез, се осврна на неопходноста од развојот и инвестирањето во науката и технологијата во следните 10 години, кои, според него, значително ќе го променат светот. Во таа насока, претседателот Перез потенцираше дека нема мали и големи држави според пространството и бројот на километрите, туку според остварените визии, развојот на технологијата и нивното учество во вкупниот светски развој. Конкретно, претседателот Перез ја потенцираше можноста за заемна соработка и помош кон Република Македонија, особено во научно-технолошкиот развој во земјоделството и сродните гранки на овој значаен стопански сектор.

Претседателот Вељаноски, од своја страна, го информираше господинот Перес за активностите кои Република Македонија ги презема на полето на развојот на образованието и неговата информатичката поддршка, технологијата и промовирањето на знаењето како моќ и движечка сила на македонското општество.

Потенцирајќи го значењето на науката, господинот Перес истовремено нагласи дека науката е неутрална и како ќе биде искористена зависи од човекот и дека за жал сè уште постои дискрепанца во развојот на технологијата и чекорите во сферата на хуманоста и човечноста. „Додека технологијата се движи нагоре со лифт, човештвото користи скали“.

На крајот од средбата, претседателот на Собранието на Република Македонија му презентираше податоци и фотографии поврзани со завршувањето на изградбата на Меморијалниот центар на холокаустот во Скопје.

Click