Активности



Среда, 22 декември 2010 година, Ерусалим

ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА СОБРАНИЕТО НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА ОСТВАРИ СРЕДБА СО СВОЈОТ КОЛЕГА, ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА ИЗРАЕЛСКИОТ КНЕСЕТ, Г. РЕУВЕН РИВЛИН

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, денеска оствари средба со својот колега, претседателот на израелскиот Кнесет, г. Реувен Ривлин, на чија покана се оствари првата официјална посета на Државата Израел од страна на претседател на Македонското собрание. Пристигнувањето на претседателот Вељаноски беше означено со звуци на фанфарите, кревање на знамињата на двете земји, интонирање на химните и смотра на израелската почесна гарда. Исто така, претседателот Вељаноски положи и венец на споменикот на паднатите борци во Израелските војни.

 „Пријателските односи меѓу Македонија и Израел се потврдија со топлиот и срдечен прием кој беше организиран на највисоко ниво. На тој начин дадовме порака дека односите меѓу двете земји се на такво ниво на кое би позавиделе други држави“ изјави претсетаделот Вељаноски.

Собраниската делегација, предводена од претседателот Вељаноски, а во чиј состав се и членовите на Пратеничката група за соработка на Собранието на Ребуплика Македонија со Парламентот на Државата Израел, г. Павле Трајанов, г-ѓа Славица Грковска и г. Џевад Адеми, присуствуваа на пленарна седница на Кнесетот, каде што беа поздравени од страна на претседателот Ривлин. Во своето поздравно обраќање, претседателот Ривлин ѝ се заблагодари на Македонската влада и особено на премиерот Никола Груевски за неговите големи напори да го организира и финансира проектот за изградба на Меморијален центар на холокаустот во Скопје.

Исто така, претседателот Ривлин рече дека еден од најважните и единствен предизвик со кои се соочуваат мултикултурните општества, како Македонија и Израел, каде мнозинството граѓани припаѓаат на две етнички заедници, е креирање заедничко национално искуство, не само во формална, туку и во вистинска смисла на зборот. Ова „искуство“, и покрај културните, јазичните и традиционалните разлики, може да обезбеди платформа за заеднички демократски вредности. Во земји како нашите, практикувањето на демократските принципи е дневен тест. Тоа е тест во кој парламентарната демократија игра значајна улога со бранењето на правата на малцинството, како и правата на мнозинството. Не многу земји во светот се принудени да се соочуваат со овој „тест на демократијата“ и само неколку земји, како Република Македонија и Државата Израел, успеале да го надминат.

На средбата беше разговарано во иднина двата парламенти да ја интензивираат соработката на ниво на комисии и групи за соработка, а претседателот Вељаноски упати покана до својот колега да ја посети Република Македонија и да присуствува на отворањето на Меморијалниот центар на холокаустот во Скопје, кое се очекува да се одржи во март следната година.

Исто така, собраниската делегација, предводена од претседателот Вељаноски, оствари средба и со неодамна формираната Асоцијација за пријателство меѓу израелскиот и македонскиот парламент, на која присуствуваа и се обратија претседателот на Асоцијацијата, г-ѓа Лиа Шемтов, како и членовите: г. Јакоб Едери, г. Хамад Амар, г. Авахар Михаели и г. Озит Зуаретц.

Click