Собраниско раководство



Вторник, 2 ноември 2010 година

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски и собраниска делегација остварија прва средба со своите канадски колеги

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски и собраниска делегација остварија средба со своите колеги, членови на Комисијата за надворешна трговија на Претставничкиот дом на парламентот на Канада.

Канадските пратеници изразија желба да се сретнат со собраниската делегација со цел да се запознаат со состојбите и условите за инвестирање во Република Македонија. На седницата која беше отворена за јавноста, канадските парламентарци покажаа голем интерес поставувајќи прашања за нивото на трговската размена меѓу двете земји и можноста за унапредување на истата. Исто така, членовите на Комисијата се интересираа и за моменталната состојба и потенцијалите на изворите на енергија во Република Македонија.

На средбата, претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, посочи дека без оглед што Република Македонија е мала држава, нејзината местоположба, заедно со мерките кои Владата ги има преземено, ја прават особено атрактивна за инвестирање. Претседателот ги запозна своите колеги дека државните институции се насочени кон создавање на поволна деловна клима, поттикнување на конкурентноста, на меѓународно-трговската соработка и инвестициона промоција.

Во однос на обемот на трговската размена на Република Македонија и Канада, тој констатираше дека во последните три години истата бележи нагорна линија, но со константен дефицит на македонска страна, на што треба да се посвети внимание со цел позитивно менување на состојбата. Изрази убеденост дека тоа ќе се постигне со поголем број презентации и промоции на Република Македонија како поволна дестинација за инвестирање, посети на канадските бизнисмени на Република Македонија, со цел директна соработка и контакти меѓу македонскиот и канадскиот бизнис сектор.

Претседателот Вељаноски од своите колеги побара да се заложат за поттикнување на канадските компании за инвестирање во Република Македонија, нагласувајќи дека независно од политиката, економијата е таа која на граѓаните им носи придобивки и тие како политичари се должни да им го овозможат токму тоа.

Click