ЕУ вести



Понеделник, 13 декември 2010 година

Пленарна седница на Европарламентот

Од 13 до 16 декември Европскиот парламент ќе одржи пленарна седница, на која, меѓу другото, ќе се дискутира за актуелната ситуација со „Викиликс“, ќе се гласа за буџетот на Европската унија за 2011 година и ќе се расправа за годишниот извештај на Парламентот за состојбата на човековите права во светот.

Членовите на Европарламентот ќе гласаат по Нацрт-законот според кој на легалните иселеници во ЕУ ќе им се овозможи полесно да се стекнат со право на престој и работна дозвола, како и со еднакви права на плата, услови на работа и социјално осигурување со тамошните граѓани.

Ќе стане збор и за трговијата со луѓе, во однос на која, според новиот закон на ЕУ, за престапниците ќе има построги казни, а жртвите ќе добијат подобра заштита и помош. Жртвите на кои ќе им биде одобрена заштита со законот во една земја-членка на ЕУ, ќе можат слична таква заштита да добијат и во случај да се преселат во друга земја во рамките на Унијата.

В среда ќе се одржи и церемонијата на доделување на наградата „Сахаров“ за слобода на мислата, која годинава Европскиот парламент му ја додели на кубанскиот политички дисидент Гиљермо Фарињас.

Европратениците ќе расправаат и за претстојниот самит на ЕУ со Претседателството на Советот и Комисијата, кој ќе се одржи на 16 и 17 декември. Економската политика ќе биде главна тема на средбата на врвот, особено перманентниот кризем механизам за заштита на еврозоната, а на дневниот ред ќе се најдат и односите на ЕУ со стратешките партнери.

 

 

Click