ЕУ вести



Вторник, 30 ноември 2010 година

Самит ЕУ - Африка

Во Триполи, главниот град на Либија, која претседава со Африканската унија, вчера и денеска се одржува третиот Самит на Европската унија и Африка, насловен како „Инвестиции, економски развој и создавање на работни места“.

На дводневниот самит учествуваат осумдесет претседатели на држави или влади, меѓу кои и Република Македонија, кои дискутираат за мирот, безбедноста, климатските промени, милениумските развојни цели, миграцијата, регионалната интеграција, развојот на приватниот сектор, инфраструктурата, енергијата, земјоделството и заштитата на храна.

Претседателот на Европскиот совет, г. Херман ван Ромпуј, го оцени овој самит како историски момент за односите меѓу двата континенти и како прилика да ја искористат огромната можност која ја пружа нивниот заеднички потенцијал.

Учесниците на Самитот ќе ја разгледаат можноста како Европа и Африка да постигнат напредок преку одржлив развој, вработување и создавање подобра бизнис и инвестициска клима.

За време на Самитот, предвидено е и усвојување на „Триполска декларација“ преку која ќе се евидентира напредокот постигнат од последниот самит во Лисабон и ќе се обноват заложбите за економски развој, мир и безбедност и остварувањето на милениумските цели во Африка до 2015 година. Преку оваа декларација ќе се усвои и вториот Акциски план (2011 – 2013) од заедничкото стратегиско партнерство ЕУ – Африка. Исто така во Триполи се планира и усвојување на Декларација за климатските промени.

Click