ЕУ вести


Среда, 1 декември 2010 година

Светски ден против сидата

Денеска, на 1 декември, по дваесет и втори пат се одбележува Светскиот ден на борбата против сидата. Со носење црвена панделка им се дава поддршка на 33 милиони луѓе во светот заболени од сидата, од кои 2,5 милиони деца.

На посебната вчерашна седница на Европскиот парламент за човековите права и сидата, беше укажано дека ХИВ позитивните се соочуваат со дискриминација, како во рамките на Европската унија, така и во светот.

Европратениците повикаа посебно да се обрне внимание на Супсахарска Африка, каде се јавуваат 78% од случаите на ХИВ заразените, како и на жените и децата од земјите со ниски приходи, кои се заразиле преку сексуално насилство.

Статистиката вели дека во периодот од јануари 2008 до јули 2009 година, 200 транссексуалци се убиени ширум светот, две третини од нив во Латинска Америка. 79 земји го казнуваат еднополовиот однос, а 55 земји налагаат ограничувања за влез, престој или населување на ХИВ позитивните.

Затоа, во Европарламентот беа предложени реформи на законите и обука на полицијата и здравствените работници за недискриминација.

Постои разлика помеѓу поимите ХИВ позитивно лице и лице болно од сида. Хив позитивното лице е заразено од ХИВ вирусот, што не значи дека има сида. До појавата на болеста може да помине период од две до десет години.

ХИВ позитивното лице може да изгледа потполно здраво, способно за физичка работа или било која друга активност.

ХИВ вирусот може да се пренесе на повеќе начини: преку секс без користење заштита, од заразена бремена мајка на детето, при контакт со заразена крв на дел од телото кој е оштетен, итн.

ХИВ не може да се пренесе преку ракување, прегрнување, бакнување и други вообичаени социјални контакти, конзумирање храна приготвена од заразено лице и сл. Животните и инсектите не можат да бидат заразени, ниту пак да го пренесат ХИВ вирусот

Според извештајот на ООН за 2008 година, приближно 2/3 од новите заразени случаи, се заразени преку хетеросексуални односи, околу 11% е пренесен од мајка на дете, околу 10% вирусот е пренесен преку користење на иста игла од страна на наркомани, 5-10% од заразените пациенти се хомосексуалци, а остатокот при различни медицински процедури.

Лек за сидата сè уште не постои, па затоа превентивните напори најнапред се насочуваат кон едукација на луѓето за начинот на ширење на вирусот и мерките кои треба да се преземат за да не дојде до инфекција.

Според податоците во програмата на Обединетите нации и Светската здравствена организација, за ХИВ вирусот и сидата, од појавата на оваа болест, заклучно со 2008 година, во светот вкупно биле заразени околу 60 милиони луѓе, а од сида умреле околу 25 милиони луѓе.

 

Веб-страницата на Собранието користи колачиња (cookies).

Колачињата се користат за подобрување на Вашето корисничко искуство.