ЕУ вести



Среда, 15 декември 2010 година

Усвоен буџетот на Еу и одобрена „Граѓанската иницијатива“

На пленарната седница на Европскиот парламент, која се одржува од 13 до 16 декември, беше усвоен буџетот на Европската унија за 2011 година, кој вклучува повеќе средства за приоритетите определени од членовите на Европарламентот, а беше одобрена и „Граѓанската иницијатива“.

Со оваа иницијатива, утврдена со Лисабонскиот договор, граѓаните на ЕУ, најверојатно од 2012 година, за прв пат ќе имаат право на политичка иницијатива, односно ќе можат да предлагаат закони. Потребни се еден милион потписи од најмалку седум земји-членки, кои ќе треба да се соберат во рок од една година, а сите потписници мораат да бидат доволно возрасни и државјани на ЕУ. На крајот од процесот, Комисијата во рок од три месеци ќе треба да одлучи дали тој нов закон ќе биде предложен.

Денеска Европарламентот ја додели и наградата „Сахаров“ за слобода на мислата на кубанскиот новинар и политички дисидент Гиљермо Фарињас. Иако тој не беше присутен на церемонијата поради забраната од властите во Хавана, сепак имаше можност телефонски да ја искаже одговорноста која ја чувствува поради ова признание и да им порача на сите граѓани на ЕУ никогаш да не престанат да ја следат и да се грижат за кубанската ситуација.

Во текот на вчерашниот ден, предмет на расправа беше случајот „Викиликс“ и обвиненијата против неговиот основач Џулијан Асанж. Во врска со оваа тема, претседателот на Европската комисија, г. Жозе Мануел Баросо, истакна дека некои податоци треба да бидат заштитени и не можат да им бидат достапни на сите.

 

 

Click