Собраниско раководство



Понеделник, 8 февруари 2010 година

Обраќањето на претседателот Вељаноски на меѓународната работилница „Судир на интереси и имотна состојба“, организирана од Државната комисија за спречување на корупцијата

Дами и господа,
Eкселенции,
почитувани пријатели, 

„Загрижени поради тежината на проблемите што ги предизвикува корупцијата и заканата што таа ја претставува за стабилноста и безбедноста, поткопувајќи ги институциите и демократските вредности, моралните вредности и правдата и изложувајќи го на опасност трајниот развој и правната држава..." 

Почитувани,
Верувам дека многу од вас препознаваат дека ова е цитат од Преамбулата на Конвенцијата на Обединетите нации против корупцијата, која Република Македонија ја потпиша во 2005 година, а ја ратификуваше во март 2007. Ја споменав Конвенцијата, поаѓајќи од фактот дека корупцијата не е веќе локален проблем, туку транснационален феномен кој ги напаѓа сите општества и економии. Во исто време, сведоци сме на поврзаност на корупцијата со другите форми на криминал, особено организираниот и економскиот. Токму затоа во превенцијата и борбата против корупцијата е неопходна меѓународна соработка.
Во тој дух ја гледам и оваа меѓународна работилница посветена на „Судир на интереси и имотна состојба“ и убеден сум дека учесниците взаемно ќе ги разменат сопствените искуства во борбата против корупцијата. Неопходна е континуирана соработка во насока токму на размената на позитивните искуства и резултати, соработка во која би научиле и презеле, но и би ги пренеле нашите достигнувања и резултати. 

Дами и господа,
Ако корупцијата денес е меѓународен феномен, борбата против ова зло започнува дома, односно од сопствениот двор. Да потсетам, Република Македонија во 2002 донесе посебен Закон за спречување на корупцијата. Овој Закон, досега има претрпено неколку измени и дополнувања, од кои последното во 2008 година. Според мене, овие измени и дополнувања беа направени со цел во новонастанатите околности да се следи превенцијата и борбата против корупцијата.

Во 2007 година е донесен Законот за судир на интереси, во 2009 година истиот е дополнет. Но, постоењето на споменатиот закон, не е пречка и во други законски акти, судирот на интереси да е присутен како правна норма, на пример во Законот за локална самоуправа, Законот за јавни набавки и така натаму. Со други зборови, можам да речам дека имаме солидна законска рамка за борбата против корупцијата и судир на интереси.
Тука сакам да истакнам уште еден факт. Судирот на интереси во суштина е првиот чекор за влегување во корупцијата, бидејќи практиката и кај нас, и во светот, покажува дека секогаш кога има корупција постои и судир на интереси.

Втора, исто толку важна димензија во спречувањето на корупцијата и судирот на интереси, е градење на соодветни и ефикасни институции. Секако тука мислам, во прв ред, на Државната комисија за спречување на корупцијата, но и на други институции кои се вклучени во борбата против оваа појава. Во Република Македонија 12 државни институции, од Управата за јавни приходи, преку Државниот завод за ревизија, Управата за финансиска полиција, Јавното обвинителство, Министерството за внатрешни работи и така натаму, се вклучени, односно потпишаа Протокол за соработка за превенција и репресија на корупцијата и судирот на интереси. Иако на денешната работилница ќе се зборува многу повеќе за соработката меѓу институциите, она што јас би сакал да го истакнам е дека сите овие институции треба да работат строго според законските одредби и, пред сè, независно од волјата на политичките партии или поединци.

Како правник, кој во својата професионална кариера бил дел од сите три гранки на власта, убеден сум во едно - ако сакаме да зборуваме за правна држава, ако сакаме да зборуваме за демократија, тогаш е потребно доследно спроведување на законите и правните норми, на сите нивоа и неселективно.
Исто така, кога зборуваме за градење на институции, тоа подразбира и нивна финансиска независност, техничка и технолошка подготвеност и секако она што е најважно, а тоа се човечките ресурси, поточно добро и соодветно образован и обучен кадар, кој професионално ќе ги извршува работните задачи.
Кога зборуваме за превенцијата пред корупцијата и судирот на интереси, неопходно е создавање на таква политичка култура и вредносен систем, во кој корупцијата ќе биде јасно идентификувана како општествено зло кое треба постојано да се превенира и санкционира. Мислам дека овде значајна улога има невладиниот сектор, кој со своите механизми на дејствување може да биде значаен субјект во борбата против ова општествено зло, а во тие рамки ја гледам и улогата на медиумите.

Во сузбивањето на оваа појава голема одговорност имаат функционерите кои во своите одлуки секогаш треба да поаѓаат од јавниот интерес, заснован врз законските и другите прописи. Притоа мораат да се издигнат над своите лични, семејни, партиски, па ако сакате и етнички или религиозни интереси. Посебно кога станува збор за судир на интереси, тие имаат лична одговорност за негово идентификување и разрешување во согласност со политиките и практиките за судир на интереси. Неоспорно, ова треба да биде и модел на однесување на сите вработени во државната и јавната администрација.

Исто толку значајно е обезбедувањето на транспарентност и надзор. Извршувањето на задачите што произлегуваат од функцијата, фукционерите и службените лица треба да ја прават на транспарентен начин и достапен на јавноста. Друга димензија на таа транспарентност е во тоа што функционерите и други службени лица се должни по стапувањето на должност да ги направат достапни на јавноста и некои свои лични податоци, пред сè мислам на имотната состојба.
Ова, според мене, е важно од неколку причини. Пред сè, на овој начин надлежните институции, на прво место Државната комисија за спречување на корупцијата, но и сите останати, можат да ја следат имотната состојба на секој кој законските одредби го обврзуваат да го пријави сопствениот имот и доколку во текот на вршењето на функцијата се увидат и утврдат несоодветни и сомнителни промени законот предвидува можност за навремена реакција и санкција. 

Дами и господа,
Би сакал во продолжение накусо да се задржам на улогата на Собранието во борбата против корупцијата и судирот на интереси.
Како законодавна власт, наша примарна задача е да носиме квалитетни закони, со целосна посветеност и ангажираност на подобрување на предложените законски одредби.
Од организирање на јавни расправи во текот на расправата по комисии, до поднесувањето на амандмани и така натаму. Тоа е само една страна од парламентарната демократија. Друга значајна димензија, својствена за денешниот современ парламентаризам, е контролната функција. Имено, како Собрание, ние ги разгледуваме извештаите за работењето на повеќе државни институции, меѓу кои е и Државната комисија за спречување на корупцијата. Исто така, според Законот за Собранието, можеме  да организираме надозорни расправи на кои се разгледува имплементацијата на некој закон, односно работењето на некој орган. Мислам дека ова е многу значајна парламентарна димензија, бидејќи од една страна ја јакне улогата на законодавната власт во спроведувањето на  законите, а во исто време заедно со надлежниата институција можеме да утврдиме каде се појавуваат проблеми и како тие да се надминат. Кога станува збор за борбата против корупцијата, а во тие рамки и нашата соработка со Државната комисија за спречување на корупцијата, можам да истакнам дека досега таа била заемна и успешна. 
И во оваа пригода, сакам да истакнам дека Собранието, поаѓајќи од своите уставни и деловнички надлежности, максимално е отворено таа соработка да ја развива и понатаму, имајќи предвид дека корупцијата и судирот на интереси зад кои најчесто стојат лукративни интереси на поединци, а понекогаш и политички интереси, е општествено зло кое ги поткопува темелите на секое општество, на секоја држава и на секој поединец. 

Дами и господа,
Во Република Македонија борбата против корупцијата на сите нивоа и облици денеска е врвен приоритет во владината политика. Ние се определивме за евроинтегративните процеси. А тоа значи дека мораме не само да ги усвоиме, туку и да ги имплементираме сите оние стандарди кои денеска се присутни во државите-членки на ЕУ во борбата против корупцијата и судир на интереси. Факт е дека тоа не е лесна задача која се решава преку ноќ и налага перманентно ангажирање на сите субјекти кои се поврзани со оваа проблематика.

Факт е дека Република Македонија бележи позитивни резултати, за илустрација, од 105 на 71 место по индекс на корупција. Овој напредок не го истакнувам како обично фалење, туку пред сè како наша обврска сите заедно и со помош на нашите пријатели од другите држави кои имаат поголемо искуство од нас да продолжиме во таа насока. Секако дека ќе ни треба време, да не речам и години, да го достигнеме нивото на Данска, како пример на најуспешна држава во борбата против корупцијата, но верувам дека имаме капацитет да продолжиме со поголем интензитет во борбата против оваа појава.

Со тоа уверување, на крајот би сакал на сите учесници на оваа меѓународна работилница да им посакам успешна работа. 

Ви благодарам

Click