Собраниско раководство

Понеделник, 7 јуни 2010 година

ОБРАЌАЊЕ НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА СОБРАНИЕТО НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА, Г. ТРАЈКО ВЕЉАНОСКИ, НА ОСМАТА КОНФЕРЕНЦИЈА НА ПРЕТСЕДАТЕЛИ НА ПАРЛАМЕНТИ ОД ЗЕМЈИТЕ НА ПСЈИЕ

Почитуван претседател,
драги колеги,
дами и господа,

Најнапред сакам да изразам благодарност на Големото народно собрание на Република Турција и на претседателот, г. Мехмет Али Шахин, за одличната организираност на оваа наша средба, како и за срдечноста и гостопримството. Самата иницијатива овој парламентарен собир да биде посветен на прашањето од несомнен заеднички интерес - унапредувањето на парламентарната димензија на соработката во рамките на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), ми дава за право да верувам дека Конференцијата, ќе биде забележана и како почеток на процесот на нова, континуирана фаза во нашата регионална соработка.

По едногодишниот дисконтинуитет во парламентарната соработка на највисоко ниво во Процесот за соработка во Југоисточна Европа и неодржаната Конференција во Кишињев, турската страна со својот ангажман прави интервенција која може да се нарече своевиден „бајпас“. Такви „бајпас“ интервенции сме имале и порано: меѓу конференциите во Атина 1997 и Скопје 2001, меѓу Тирана 2002 и Сараево 2004 и така натаму. Меѓутоа, по бројните „бајпаси“, секој организам, односно процес на соработка, се наоѓа во голема опасност за својот опстанок. Затоа, денес и се наоѓаме пред суштинска задача како да ја ревитализираме парламентарната соработка во регионот. 

Ако пред нас го имаме искуството на исклучително добрата регионална соработка на парламентите во другите делови на Европа, често правиме превид дека редовните парламентарни контакти на највисоко парламентарно ниво не се од особена важност. Само да потсетам на неодамнешната конференција на претседатели на Парламенти на државите-членки на ЕУ, на која како земји-кандидати учествуваа Република Македонија, Република Турција и Република Хрватска, беше истакнато дека парламентарната соработка е еден од столбовите на Лисабонскиот договор, а со тоа и иднината на Европската унија. 

Дами и господа,

Република Македонија, како самостојна и суверена држава, од самиот почеток придаваше и придава особено значење на регионалната соработка и добрососедските односи, согласно со општоприфатените меѓународни принципи и стандарди. Тие кај нас не се сметаа за некоја наметната дополнителна обврска, туку за витална потреба за стабилни и развиени односи, со сите соседни народи и држави. Мултилатералната регионална соработка претставува општ тренд во развојот на меѓународните односи, како дел од процесот на глобализација. Нашиот регион во ова влезе со извесно задоцнување, но денес тоа е надоместено со голем број на нови иницијативи, процеси и средби. Парламентарната соработка треба силно да придонесе за создавање на нова атмосфера во меѓусебните односи, секако поддржана од најшироката јавност, бизнис заедницата и цивилното општество. 

Сметам дека е време, недоразбирањата, предрасудите, нето­леранцијата, ксенофобијата од минатото да бидат отстранети од нашите простори. Во нашата регионална соработка треба да поаѓаме од фактот дека „има многу повеќе работи кои не обединуваат отколку што не делат“. А токму тие, да станат темел на добрите врски меѓу различни култури, нации и религии. Успешно решавање на оваа сложена задача има посебно значење за балканските земји, како и за Европа во целина. Убедени сме дека Република Македонија и сите други зем­ји од регионот, располагаат со капацитет тоа да го остварат. А тоа е единствениот пат како во еден разумен временски период сите држави од регионов да се приклучиме на нашите соседи кои веќе се членки на ЕУ односно и институционално да станеме дел на европското семејство. Ние, и географски, и цивилизациски, и културно, припаѓаме на Европа. 

Впрочем, таткото на европското единство, Роберт Шуман, уште во далечната 1950 година далековидо претскажал дека „Европа нема да се изгради одеднаш и како хармонична градба - таа ќе се гради преку конкретни остварувања, создавајќи најпрвин фактичка солидарност“. За жал, токму недостатокот на таа фактичка солидарност, за која зборувал Шуман, и апсурдни предрасуди за Република Македонија, и е наметнат еден ирационален билатерален проблем, а тој е, сите знаете, нашето уставно име. Токму поради тоа, ние денеска не сме членка на НАТО, ние немаме датум за отпочнување на преговорите со ЕУ, иако минатата година добивме препорака. 

Сепак, сакам и на оваа конференција да истакнам дека Република Македонија не се откажува од својата стратешка определба, а тоа се евроатланските интеграции. Исто така, не се откажуваме и од преговорите со нашиот јужен сосед околу изнаоѓање на решение за наметнатиот спор. Притоа, сакам да истакнам дека тоа решение не може да задира во националниот, културниот или јазичниот идентитет на македонскиот народ.

Дами и господа,
почитувани пријатели,

Членството во ЕУ налага остварување на многу темелни реформи. Во Република Македонија, овој процес на реформи и хармонизација со европското право, не го разбираме како задача наметната од страна на еврократите од Брисел и други надворешни фактори. Напротив, на тоа гледаме како на фундаментална обврска кон нашите сопствени граѓани. Собранието, како вистински претставник  на граѓаните, има исклучително значајна улога за внесување на принципите, стандардите и вредностите од европскиот корпус во секојдневниот живот. Сакам да истакнам дека на многу подрачја имаме направено многу голем исчекор во усвојувањето и имплементацијата на европските стандарди и дека сме подготвени нашите искуства да ги споделиме со сите држави од регионот. 

Во исто време, свесни сме за различните позиции на одделни земји во овој процес, но тоа не ги елиминира можностите за градење на успешна  билатерална и регионална соработка. Во таа смисла, ги поздравуваме досега воспоставените форми на регионална соработка, во чии рамки се покренати бројни инцијативи и конкретни проекти во доменот на енергетиката, изградбата и модернизирање на инфраструктурата и меѓусебно транспортно поврзување, односно економскиот и социјалниот развој. Посебно е важна соработката на полето на правдата и човековите права, соработката во областа на безбедноста и борбата против тероризмот и организираниот криминал, соработката во заштитата на животната средина и други прашања од заемен интерес. Улогата на парламентите е да ги поддржуваат, поттикнуваат и контролираат овие усогласени заеднички активности, а регионалната парламентарна соработка да биде своевиден чадор на сите тие активности.

Во однос на горливите економско-социјални прашања, токму сега се наоѓаме пред нови големи предизвици. Економско- финансиската криза не  е изолирана и ги засега сите. Со право е кажано дека и доброто и злото никогаш не остануваат само кај соседот, туку се пренесуваат и споделуваат со соседите. Европската унија пристапи кон градење на стратегија за надминување на кризата и натамошен европски развој. 

Во прашање е долгорочна стратегија на која на долг рок ќе обезбеди стабилна пазарна економија, здрав финансиски сектор и одржлив развој. Ако вистински ги почитуваме интересите на граѓаните и државите од Југоисточна Европа и ние треба да дадеме свој придонес за консолидацијата и структурните реформи кои треба да ја зацврстат европската стабилност и да овозможат развој и на нашиот регион. Притоа би било корисно меѓусебно да разменуваме искуства за успешните решенија и грешките во справувањето со економската криза, која е актуелен предизвик за сите нас. 

Поддршката од меѓународната заедница на нашиот регион сè уште е неопходна во разни сфери, од економијата до безбедноста. Меѓутоа, импулсот и идеите за регионална соработка најдобро ги одразуваат вистинските интереси и потреби, доколку доаѓа од нас самите, односно од самиот регион. 

Со свикувањето на денешната Осма  конференција на претседатели на парламентите, на процесот на соработка во Југоисточна Европа е даден нов импулси кој е содржан во Предлог-финалната декларација. Тој подразбира натамошна институционализација, која треба да доведе до создавање на парламентарно собрание, како што другите региони тоа веќе одамна го имаат. Идејата не е нова, туку присутна е од самите почетоци на нашата соработка и беше забележана како една од точките уште на Првата Конференција, одржана во Атина 1997 година. Идејата, и тогаш, и сега, начелно била прифатлива. Меѓутоа, прашањето на трансформација на парламентарната соработка бара континуитет во исполнувањето на она што е претходно договорено и прагматичен пристап во дополнувањето и надградувањето, по системот чекор по чекор. 

Некои прашања се веќе апсолвирани. Имаме Меморандум за разбирање и меѓупарламентарна соработка во Југоисточна Европа, како базичен документ потпишан од претседателите на парламентите во Софија 2008 година, со кој  се определени механизмите и формите за соработка: редовни годишни конференции на претседателите на парламентите и други содржани во точката 3, кои се остваруваат и раководат по принципот на ротација, кој треба да биде зачуван. Создаден е Регионален секретаријат за парламентарна соработка на Процесот за соработка во Југоисточна Европа, со мрежа на национални координатори и блиска  соработка со Советот за регионална соработка во Југоисточна Европа. Прашањето кое е пред нас е како тој да профункционира со полн капацитет и со дефиниран статус на ангажираните претставници на другите парламенти, покрај оние од земјата домаќин.

Станува збор за прашања кои барат примена на соодветни национални парламентарни процедури, особено ако содржат и финансиски импликации. Во Финалната декларација со право се укажува на потребата за формирање на Работна група, со цел да ги утврди модалитетите на парламентарната димензија на Просецот на соработка во Југоисточна Европа и за тоа да поднесе извештај на следната, Деветта конференција. Од наша страна, даваме целосна поддршка за тоа.

Верувам дека имаме и капацитети и волја, а секако и интерес сето ова да го реализираме. Затоа, убеден сум дека пред нас е период поврзан со успешното реализирање на процесот започнат овде во Анталија.


Благодарам на вниманието.
Click