Собраниско раководство



Понеделник, 4 октомври 2010 година

Обраќање на претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, на меѓународен симпозиум по повод одбележувањето на илјада и стогодишнината од упокојувањето на Свети Наум Чудотворецот

Ваше Блаженство, Архиепископ Охридски и Македонски Господин Господин Стефан,
Почитувани членови на Светиот Синод,
Почитуван пратеник,
Почитуван градоначалник на Општина Охрид,
Уважен член на Македонската академија на науките и уметностите,
Дами и господа,

Годинава кога во Република Македонија, преку најразлични манифестации и научни собири, се одбележува илјада и стогодишнината од упокојувањето на Свети Наум Чудотворецот, особено радува фактот што во одбележувањето се вклучени најразлични државни, високообразовни и научни институции, понатаму Македонската православна црква и други субјекти, што покажува дека, како држава, како народ, како граѓани, знаеме да го почитуваме, да го чуваме и надградуваме нашето историско и културно наследство.   

Кога се зборува за Свети Наум и неговото дело, тоа е тесно поврзано со делото на Свети Климент Охридски, а секако основата на нивното делување ја наоѓаме кај нивните учители, Светите браќа Kирил и Методиј. Следејќи ги своите учители во Моравија, Свети Наум и Свети Климент Охридски во суштина го воспоставуваат и мисионерството, односно ширењето на Христовото учење, а во исто време се и основоположници на монаштвото.

Почитувани,

Воспоставување на кириличното писмо од страна на Светите браќа Кирил и Методиј, следени од своите ученици Свети Наум и Свети Климент, а потоа со воспоставувањето на Климентовата духовна школа во Охрид, Библијата, житијата, молитвите и црковното пеење кои дотогаш биле достапни само на латински и грчки јазик, стануваат многу подостапни за словенските народи во Европа.

Со ова се создадени лингвистичките основи за воспоставување, развој и кодификација на мајчините јазици на словенските народи, а со тоа е создадено неизмерно богато културно и духовно наследство, кое денес претставува значаен дел од целокупните европски, културни и цивилизациски вредности. 

А лулката на европска цивилизација се наоѓа овде, кај нас во Македонија, во древниот Охрид. Сето ова денес е основа врз која е создаден националниот, културниот и јазичниот идентитет на македонскиот народ.

Угледувајќи се на Светите браќа Кирил и Методиј и нивните ученици и следбеници Свети Климент и Свети Наум, кои ги ширеле духовните и цивилизациските вредности, ние, како нивни наследници, не бараме некаква ексклузивност, туку како секогаш во историјата на македонскиот народ, отворени сме кон другите и ги споделуваме нашите културни и цивилизациски вредности. Истовремено секогаш сме знаеле да го зачуваме и заштитиме нашето наследство од сите  кои се обидувале или се обидуваат да го негираат нашиот национален, културен и јазичен идентитет.

Дами и господа,

За животот и делото на Свети Наум Чудотворец, како што го именува народот, денес имаме многу богата научна литература зад која стојат имиња на научници и академици, не само од Република Македонија, туку и од Балканот, но и од многу други европски држави. Исто така, многу научници и истражувачи истакнуваат дека делото и животот на Свети Наум сè уште се предизвик за многу сериозни научни истражувања. Верувам дека токму сега, кога одбележуваме 11 века од неговото упокојување, ова ќе биде дополнителен мотив, пред сè за младите, да продолжат да го истражуваат неговото дело и да создадат нови научни дела. Свети Наум и неговото дело биле инспирација и мотив за многу книжевни дела, пред сè на македонските писатели. Неговата слава, неговото чудотворство, денес е вткаено во делата на Славко Јаневски, Блаже Конески, Богомил Ѓузел, Петре Бакевски.

Почитувани пријатели,

Верувам дека кога ќе се спомене Свети Наум, наша прва асоцијација е неговиот манастир и манастирски комплекс кој тој го изградил на најубавиот дел од брегот на Охридското Езеро и кој е посветен на Свети Архангел.

Овој манастир, во кој пред единаесет века Свети Наум го втемелува монаштвото и воспоставува хумана медицина, лекувајќи болни од најразлични болести, а според некои преданија болести поврзани со психичките состојби, е еден од најпознатите  духовни и црковни објекти кај нас и во Европа.

Интересен е фактот дека веднаш по неговото упокојување, народот, не само од Охридскиот крај, туку многу пошироко, почнува да ги создава преданијата и легендите за  чудотворната моќ на Свети Наум, за неговата правичност, а сето тоа произлегувало од неговата цврста верба во Бога и Христовото учење и љубовта кон ближниот.

На овој начин се создава и култ за Свети Наум кој се проширува и до Корча, а исто така се наоѓа и во другите соседни држави, па сè до Романија и Унгарија. Овој култ за Свети Наум, во текот на овие единаесет века, постојано се развива и него го прифаќаат и почитуваат и припадниците на другите вери.

Сето ова уште еднаш ја покажува величината на Свети Наум и неговото дело, но и богатиот фолклор на македонскиот народ.

Почитувани пријатели,
дами и господа,

Ова е доказ дека пред единаесет века Македонија не била периферија на тогашниот свет, напротив, таа била значаен верски, духовен и просветителски центар, од кој во тогашниот, христијански свет, се ширеле многу духовни и културни вредности. Македонскиот народ и другите етнички заедници кои денес живеат во Република Македонија, може да се пофалат дека на овој простор живееле и создавале великани како што се Светите браќа Кирил и Методи, Свети Наум и Свети Климент. Да потсетам дека неодамна одбележавме и сто години од раѓањето на нашата блажена Мајка Тереза, која, исто така, со својата непоколеблива вера во Христовото учење и неизмерната љубов кон човекот во светската историја, но и во нашето историско паметење ќе остане запаметена како најголемиот хуманист на 20. век.

Денес како нивни наследници должни сме да ги продолжиме и да ги надградуваме вредностите кои ни ги оставија овие великани и секако да ги пренесуваме на идните генерации.

На крајот, дозволете ми во мое име и во името на Собранието на Република Македонија уште еднаш да изразам длабока почит на ликот и делото на Свети Наум Чудотворец. 

Ви благодарам на вниманието.

Click