Собраниско раководство



Четврток, 26 август 2010 година

Обраќање на претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, на Свечена седница по повод 100-годишнината од раѓањето на Мајка Тереза

Почитуван Претседателe на Република Македонија ,
Почитуван поранешен Претседателe на Република Македонија,
Почитуван претставник на семејството Бојаџиу,
Почитувани претставници на верските заедници,
Дами и господа,
Ваши екселенции,
Драги пријатели,

Денес сме овде да ја одбележиме стогодишнината од раѓањето на нашата  сограѓанка Гонџа Агнеса Бојаџиу, позната во светот како  светица на сиромашните, Мајка Тереза.
„Таа е Обединетите нации. Таа е мирот во светот“ - вака поранешниот генерален секретар на Обединетите нации, г. Хавиер Перез де Куљар зборуваше за Мајка Тереза.

На само стотина метри од овој Дом, во некогашното Влашко маало, постоела куќата на албанското семејството Бојаџиу, во која пред 100 години е родена Гонџа Агнеса Бојаџиу. Исто така, на само стотина метри, денеска се наоѓа Спомен-куќатa на Мајка Тереза, на местото каде што некогаш се наоѓала црквата Пресвето срце Исусово, во која само еден ден по своето раѓање крстена е Мајка Тереза.

Ова го споменувам од причина што токму овие две локации, на своевиден начин го поврзуваат животот на младата скопјанка Агнеса Бојаџиу и хуманистка во светски размери Мајка Тереза.

Уште како дете ги покажува своите карактеристики кои ја следат до крајот на животот. Секако, на прво место е верата и љубовта во Бога. А таа љубов ја споделува, во тоа време, со своите најблиски, со своите пријатели, за подоцна преку својот мисионерски ангажман да ја сподели со оние на кои најмногу им недостасува токму љубовта, а тоа се најсиромашните слоеви во Индија и во целиот свет. Нејзина втора значајна карактеристика е упорноста во остварувањето на тоа за што се определила уште како дете, да му служи на Бога и да ја шири божјата љубов меѓу луѓето.

Како што во едно интервју Мајка Тереза самата вели, веќе на 12 години почнува да размислува за мисионерскиот позив. Оваа нејзина определба зрее шест години и на осумнаесетгодишна возраст, во 1928 година, младата девојка Гонџа Агнеса Бојаџиу заминува во Даблин, каде што се вклучува во сестринскиот ред Лорето. Веќе истата година со брод заминува за Калкута, Индија, каде што ја започнува својата мисионерска и хуманистичка мисија која ќе ја води до крајот на својот живот.
Водена токму од љубовта кон човекот, Мајка Тереза во 1948 година во Калкута, добива дозвола да го напушти манастирот каде што водела училиште и да почне да дејствува сама меѓу најсиромашните слоеви на милионската Калкута, меѓу луѓето кои живеат и умираат на улица и на кои најмногу им недостасувала токму љубовта.  Со својата непоколеблива вера во Бога и со својата упорност, таа брзо станува позната, не само во Калкута и во цела Индија, туку и пошироко во светот. Во 1950 година, со благослов на папата, таа го формира својот сестрински ред Мисионерки на милосрдието, познати како Мисионерки на љубовта, а препознатливи по своето бело-сино сари.

Дами и господа,

Иако на само 18 години таа го напушта Скопје, Мајкa Tереза никогаш не го заборава своето родно место. Во 1970 година за прв пат по 48 години таа доаѓа во Скопје, а потоа уште двапати го  посетува својот роден град. Во 1980 година, градските власти ја прогласуваат за почесен граѓанин на Скопје, признание за кое Мајка Терезa ќе рече дека и е едно од најдрагите признанија, бидејќи, како што самата велеше, да не било Скопје ќе ја немало и нејзе.

На прашањето што е по националност, Мајка Тереза одговара дека таа е скопјанка, која му припаѓа на целиот свет. Токму во овие нејзини зборови се гледа и се чувствува фактот дека сите ние прво сме луѓе, божји деца, без разлика дали припаѓаме на оваа или онаа нација или на оваа или онаа вера. А, основната карактеристика на секој човек, онака како што не создал Бог, е хуманоста и љубовта кон ближниот. Не e важно колку нешто добро си направил, туку е многу поважно дали тоа што го правиш, го правиш со љубов, односно колку љубов сме внеле во нашето секојдневно работење и живеење.

Мајка Тереза до крајот на својот живот во сè внесуваше љубов и ја споделуваше со сите, а најмногу со сиромашните, на кои, како што самата велеше, љубовта најмногу им недостасува. Токму во тоа е нејзината неизмерна хуманoст.

Дами и господа,

Сиромаштијата, гладта, наркоманијата, отуѓеноста, за жал и денес се присутни, а најчесто жртви се најмладите. Мајка Тереза денес ја нема, но нејзиниот сестрински ред со своето присуство и активности ширум светот ја продолжува борбата против овие социјални девијации и општествени неправди. Интересен е фактот што уште во далечната 1979 година, на свеченостa по повод доделувањето на Нобеловата награда за мир на Мајка Тереза, таа ќе рече, цитирам: „Неодамна, кога бев на Запад, открив многу млади луѓе навлечени на дрога. Се прашав зошто е тоа така, а одговорот беше - затоа што немаат семејства кои ќе ги прифатат. Таткото и мајката се презафатени и немаат време. Родителите се во некои институции, а децата на улица доаѓаат во контакт со животот и влегуваат во такви нешта. Ние зборуваме за мир, а токму овие работи го уништуваат мирот“.  

Во истото обраќање, Мајка Тереза, на едноставен начин, упатува и како да ги надминеме овие искушенија и вели: „Јас мислам дека во нашето семејство нема потреба од бомби и оружје кое може да го уништи донесувањето на мирот. Сакајте се едни со други, донесете го тој мир, таа радост, таа сила да биде присутна во вашите домови. Постојат многу страдања, многу омраза и многу мизерии, но ние со нашите молитви, со нашето жртвување, почнуваме од нашите домови. Љубовта почнува дома. А, потоа, ќе бидеме способни да го надминеме злото кое е присутно во овој свет“.

Во светот и денеска има многу страдања, има многу омраза, односно недостасува онаа љубов за која зборуваше Мајка Тереза и на која и го посвети целиот свој живот.

И повторно одговорот зошто е тоа така и како тоа да се надмине, треба да го бараме прво кај себе. Без разлика на нашата социјална и економска положба, без разлика на нашата политичка функција, треба секогаш во нашето однесување да поаѓаме со љубов и почитување кон секој човек. Само така можеме и како поединци и како семејство или како држава да создаваме многу похармонични и поправедни услови за живеење.

Имено, вие може да имате идеални закони, може да имате високо развиена социјална служба и социјални институции, но тоа не е доволно за хармоничен живот. На пример, зошто во економски најразвиените држави, со високо развиена социјална политика, со функционални социјални институции, се среќаваме со многу висок процент на социјална патологија, како што се алкохолизмот или суицидноста. Тоа што сакам да истакнам, е фактот дека на светот, без разлика дали станува збор за развиена Европа или подсахарска Африка, дали станува збор за Калкута или светлата на Холивуд, недостасуваат оние вредности кои несебично ги даваше Мајка Тереза и нејзиниот сестрински ред. А тоа е љубовта кон ближниот и солидарноста со неговата мака и несреќа. Токму затоа, за својот сестрински ред и за својот ангажман, Мајка Тереза ќе рече, цитирам: „Ние не сме социјални работници, иако светот најчесто така нè гледа. Ние во нашето работење, покрај грижата и помошта, се трудиме секому да му дадеме љубов и да му ја вратиме љубовта кон Бога и кон ближниот“.

Почитувани пријатели,

Мајка Тереза беше и останува пример за несебична посветеност на хуманоста. Нејзината животна посветеност и грижата за сиромашните, болните, обесправените, ја става во редот на најголемите хуманисти во човековата историја, а секако најголем хуманист на дваесеттиот век. По веста за нејзината смрт, на 5 септември 1997 година, некогашниот француски претседател Жак Ширак ќе рече: „Оваа вечер има помалку љубов и помалку светлина во светот“.
Сепак, светилката на Мајка Тереза сè уште свети и верувам дека ќе свети сè додека на сите нас и на светот му се потребни такви дела како делата на скопјанката Гонџа Агнеса Бојаџиу.

Дами и господа,

Денес кога одбележуваме сто години од раѓањето на Мајка Тереза, добитник на Нобеловата награда за мир  и која во 2003 година папата Јован Павле втори ја прогласи за Блажена, верувам  сите ние сме среќни што нејзиниот животен пат започнал тука во Скопје.

Убеден сум дека за сите нас, без разлика на нашата верска или национална припадност, Мајка Тереза со нејзината хуманост и посветеност ќе ни биде светилка која ќе не води во животот.
Во исто време, радосни сме што Мајка Тереза и нејзиното дело го споделува и почитува целиот свет, исто како што го споделуваме делото на cветите браќа Кирил и Методиј, кои ја донесоа писменоста, а со тоа и божјата реч за многу европски народи.

Би сакал на крајот, сите заедно, да се потсетиме на една од многуте пораки на Мајка Тереза, која на своевиден начин е најсоодветна да се спомене денес, цитирам:

„Не барај слава во нивниот успех, туку сето тоа препушти му го на Бога со длабока благодарност“.
Од друга страна, неуспехот не треба да им го препишуваме на нив се додека тие даваат сè од себе. Бог ја гледа единствено нашата љубов, бидејќи ништо не е мало за Бога.

Токму затоа, наша должност е тие хумани и духовни вредности, кои ни ги остави Мајка Тереза и другите великани од ова наше поднебје, да ги вградиме и надградуваме во нашето секојдневие. Верувам дека граѓаните на Скопје, граѓаните на Република Македонија, заедно со сите добри луѓе во светот, имаат и волја и капацитет да ја сочуваат светилката која ја запали Мајка Тереза и со таа светлина на хуманостa, помошта и љубовта, да ги осветлуваат оние на кои им е најпотребна, болните, сиромашните и отфрлените.

Ви благодарам

Click