Собраниско раководство



Петок, 14 мај 2010 година

Претседателот на Собранието, г. Трајко Вељаноски, во Стокхолм

Денеска во Стокхолм започна дводневна конференција на претседатели на парламенти на државите-членки на Европската унија и на државите-кандидати. Претпладневната сесија беше посветена на Лисабонскиот договор и меѓупарламентарната соработка, а свое излагање имаше претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски.

Почитуван претседавач, дами и господа,

Убеден сум дека иднината на Европската унија се темели врз Лисабонскиот договор. Во тие рамки, секако, националните парламенти, како и Европскиот парламент, се оние клучни институции преку кои Лисабонскиот договор, односно иднината на Европската унија ќе биде реализирана и ќе се развива во корист на сите. Со Лисабонскиот договор проширувањето на ЕУ е дефинирано како темелна вредност.

За Република Македонија како држава-кандидат, а верувам ова мислење го делат и другите две држави-кандидати, е многу важно, токму во оваа фаза, да ги совладаме, или подобро речено, да ги имплементираме, сите овие принципи и механизми за кои денеска зборуваа воведничарите. Еден од начините е развивање и јакнење на парламенентарната соработка во регионот, а посебно имајќи предвид дека нашите соседи Република Бугарија и Грција се членки на ЕУ, но и со другите држави од Европската унија и со Европскиот парламент. Секако, носители на таа соработка треба да бидат парламентарните комисии, кои како специјализирани тела покриваат конкретни подрачја, иако не ги исклучувам и другите форми. А, имајќи ги предвид новите технологии за комуницирање, за што ќе разговараме во вториот дел од нашата конференција, таа соработка може да   биде многу поинтензивна и ефикасна.

Во тие рамки е значајно како ќе се дефинира идната улога на КОСАК.
За нас како држава-кандидат многу е важно прашањето на принципот на супсидијарност, бидејќи токму тука доаѓа до израз конфликтот помеѓу националните интереси и заедничкиот интерес. Затоа, како држава-кандидат, потребно е уште сега да го јакнеме капацитот на националниот парламент, за да можеме да одговориме на сите оние предизвици, а секако и да ја понесеме и одговорноста кога ќе станеме членки на ЕУ, односно ако Лисабонскиот договор ги поставува основите на ЕУ, да прерасне во повеќе од интерпарламентарна демократија, наспроти она што беше досега - меѓувладина и наднационална. Останува на вас како држави-членки тоа да го реализирате, а на нас, овде мислам на Парламентот на Република Македонија, од вас да учиме и сето тоа да го имлементираме.

Благодарам

Click