Активности



Петок, 18 февруари 2011 година

Четиринаесетта седница на Комитетот за односи меѓу заедниците

Комитетот за односи меѓу заедниците, денеска ја одржа Четиринаесеттата седница со дневен ред „Случувањата на Скопското Кале и нивното влиjание врз меѓуетничките и меѓуверските односи во Република Македонија”

Покрај претседателот на Комитетот, г. Џевад Адеми и членовите на Комитетот, на седницата присуствуваа и: претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски; министерот за внатрешни работи, г-ѓа Гордана Јанкуловска; народниот правобранител, г. Иџет Мемети; претседателот на Комисијата за односи со верските заедници и со религиозните групи, г-ѓа Валентина Божиновска, претставници на Делегацијата на Европската унија во Република Македонија; претставници на Мисијата на ОБСЕ во Скопје; претставници на Амбасадата на САД во Скопје; Канцеларијата за врски на НАТО во Скопје, како и  други пратеници.

Врз основа на расправата, Комитетот за односи меѓу заедниците ги усвои следниве Заклучоци:

1. Комитетот за односи меѓу заедниците ја изразува својата длабока загриженост по повод инцидентот на Скопското Кале кој предизвика напната атмосфера меѓу етничките заедници во Република Македонија. Членовите на Комитетот за односи меѓу заедниците, повикувајќи се на уставните и законските надлежности, права и обврски, го потенцираат значењето на натамошниот развој и унапредување на меѓуетничкото и меѓуконфесионалното разбирање меѓу граѓаните на Република Македонија;

2. Членовите на Комитетот го осудуваат овој инцидент и повикуваат на висока одговорност, воздржување, разум, натамошно смирување на страстите и мирна заштита на меѓуетничкото почитување;

3. Членовите на Комитетот за односи меѓу заедниците се уверени дека институциите на системот имаат капацитет да го решат ова чувствително прашање во корист на стабилноста и демократската иднина на Република Македонија;

4. Комитетот нагласува дека културното наследство на Скопското Кале кое потекнува од различни периоди, а со тоа претставува израз на различни цивилизациски вредности, е заедничко културно наследство кое им припаѓа на сите заедници и на сите граѓани на нашата заедничка држава и претставува симбол на обединување, не на поделби;

5. Комитетот е убеден дека сите чувствителни прашања од овој вид мора да се решаваат само преку  отворен политички дијалог на сите фактори во институциите на системот и заемно почитување на вредностите на сите етнички заедници во Република Македонија;
 
6. Членовите на Комитетот за односи меѓу заедниците сметаат дека треба да продолжи да се надградува подеднакво негувањето на културата и културното наследство на сите етнички заедници, бидејќи мултикултурниот и мултиконфесионалниот карактер на општеството се важен столб на демократскиот амбиент и стабилноста во Република Македонија;

7.  Комитетот е убеден дека овој тип на сензитивни прашања нема да бидат користени од ниту една политичка партија, невладина организација или граѓанин  за други политички цели;

8. Членовите на Комитетот за односи меѓу заедниците апелираат до сите политички партии, органи на државната управа, медиуми, верски заедници, невладиниот сектор и граѓаните да повикуваат на смиреност и помирување и да се воздржат од секаква активност што би можела да ги зголеми тензиите и со разум и високо ниво на одговорност да пристапуваат кон сите прашања кои се поврзани со меѓуетничките и меѓуконфесионалните односи во Република Македонијa; 

9. Овие заклучоци да се достават до претседателот на Собранието на Република Македонија, Министерството за внатрешни работи, Министерството за култура, народниот правобранител, претставници на Делегацијата на Европската унија во РМ, претставници на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, претставници на Амбасадата на САД во Скопје, Канцеларијата за врски на НАТО во Скопје, Комисијата за односи со верските заедници и со религиозните групи и Агенцијата за остварување на правата на заедниците.

Click