Активности



Четврток, 10 март 2011 година

Дваесет и четврта седница на Комисијата за култура

Комисијата за култура на Собранието на Република Македонија, на 24. Седница, одржана на 9 март 2011 година, како матично работно тело во прво читање ги разгледа:

1. Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за културата - I читање;

2. Предлог-законот за националниот уметник на Република Македонија - I читање;

3. Предлог-законот за прогласување на Старото градско јадро на Охрид за културно наследство од особено значење - I читање.

Во својство на претставник на Владата на Република Македонија, на седницата присуствуваше г-ѓа Елизабета Канческа-Милевска, министер за култура.

На седницата на Комисијата беа поканети гости од уметничко-културниот живот во Република Македонија. Свое учество зедоа: Благоја Чоревски, Живоин Глишиќ, Решат Амети, Блерим Груби, Дешира Амети-Крлиу, Бајруш Мјаку, Петар Темелковски, Никола Атанасов, Зоран Маџиров, Олег Кондратенко, Тодор Трајчевски, Гоце Смилевски, Катица Ќулафкова, Рисима Рисимкин, Тања Балаќ, Бранислав Мирчевски, Сихана Бадивику-Хоџа, Столе Попов, Билјана Беличанец-Алексиќ, Сабина Ајрула, Јасминка Чакар, Бранко Ѓорчев, Јелена Жугиќ, Дејан Лилиќ, Тања Паскали-Бунташеска, Митко Хаџи-Пуља, Владимир Ангеловски и Игор Исаковски.

- Во образложението на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за културата, претставникот на Владата ја нагласи потребата за донесување на законот, целите што ќе се постигнат и основните решенија што се уредуваат со законот, а со своја дискусија по точката се вклучија пратениците г. Васко Шутаров, г-ѓа Наташа Јаневска, г-ѓа Цена Матевска, г-ѓа Весела Честоева и г-ѓа Роза Топузова-Каревска.

Со своја дискусија учествуваа и г. Благоја Чоревски, г. Никола Атанасов и г. Петар Темелковски.

Тие изразија голема благодарност до Министерството за култура за предложениот Предлог-закон, нагласувајќи ја потребата за донесување, која е од големо значење за уметниците во Република Македонија, особено потенцирајќи го дополнувањето во Законот во делот за посебен месечен паричен надомест на пензионирани уметници и други стручни работници од областа на заштитата на културното наследство.

- Во образложението на Предлог-законот за националниот уметник на Република Македонија, претставникот на Владата ја нагласи потребата за донесување на законот, целите што ќе се постигнат и основните решенија што се уредуваат со законот и потенцираше дека ова е нов Закон кој е долго очекуван и е од големо значење како за уметниците во Република Македонија, така и за самата држава.

Со своја дискусија по Предлог-законот за националниот уметник на Република Македонија учествуваа: г. Олег Кондратенко, г. Живоин Глишиќ, г-ѓа Рисима Рисимки, г. Столе Попов, г-ѓа Катица Ќулавкова, г. Зоран Маџиров, г. Бранко Ѓорчев, г. Тодор Трајчевски, г. Никола Маџиров, г. Валентин Димитровски, г. Митко Хаџи-Пуља, г.Благоја Чоревски и г-ѓа Сабина Ајрула.

Дискутантите за воведувањето на титулата „национален уметник“ како највисоко признание од областа на културата, кое се доделува на уметници кои дале врвен придонес во остварување на културата, беше оценето позитивно и од огромен придонес за уметниците, меѓутоа, исто така, изразија и барање за дополнителни измени во критериумите за добивање на титулата „национален уметник“.

- Во образложението на Предлог-законот за прогласување на Старото градско јадро на Охрид за културно наследство од особено значење, претставникот на Владата ја нагласи потребата за донесување на законот, целите што ќе се постигнат и основните решенија што се уредуваат со законот.

Со своја дискусија по овој Предлог-закон учестуваа г-ѓа Тања Паскали-Бунташеска, г. Столе Попов, г. Александар Џамбазов, г. Петар Темелковски и г-ѓа  Сабина Ајрула. Во дискусијата учествуваа и пратениците: г. Цветко Грозданов и г. Александар Николоски.

Присутните гости порачаа дека Предлог-законот е позитивен и дека и во иднина Министерството за култура треба да продолжи со предлагање на вакви закони и за останатите градови во Република Македонија.

Click