Активности



Вторник, 29 март 2011 година

Триесет и седма седница на Комисијата за здравство

Комисијата за здравство на Собранието на Република Македонија, на својата Триесет и седма седница, одржана на 28 март 2011 година, како матично работно тело го разгледа:

  • Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за евиденции во областа на здравството - прво читање.

Во својство на претставник на предлагачот, на седницата присуствуваше г. Владимир Поповски, заменик на министерот за здравство. Во расправата учествуваше членот на Комисијата, г-ѓа Зумрете Јакупи.

Претставникот на предлагачот ја образложи потребата од донесувањето на Законот за евиденции во областа на здравството, при што истакна дека изменувањето и дополнувањето на овој Закон се однесува на имплементацијата на мерките за унапредување на казнената политика како подобрување на бизнис климата во Република Македонија. Воедно се укажа дека целта што треба да се постигне со овој закон е да се обезбеди можност за одделни прекршоци, пред изрекување на санкцијата да се изврши едукација и даде поука и можност во определен рок да се отстранат посочените неправилности.

Членот на Комисијата, г-ѓа Зумрете Јакупи, истакна дека се работи за позитивно законско решение, со кое, меѓу другото, се уредува и постапката за едукација на лицето или правното лице каде е утврдена неправилноста при вршењето на инспекцискиот надзор, со што се обезбедува и помош на субјектите во надминувањето на неправилностите констатирани при вршењето на инспекцискиот надзор.

Исто така, предложените изменувања и дополнувања на Законот содржат решенија насочени кон имплементација на мерките за унапредување на казнената политика кои се однесуваат на воведување на укажување со покана за едукација за прекршоци проценети со помала опасност и задолжително објавување на квартален преглед на извршени контроли.

Врз основа на расправата, а согласно член 142 од Деловникот на Собранието на Република Македонија, Комисијата едногласно констатира дека Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за евиденции од областа на здравството е прифатлив и треба да се даде на натамошно читање. 

Click