Активности



Сабота, 2 април 2011 година

Триесет и осма седница на Комисијата за здравство

Комисијата за здравство на Собранието на Република Македонија на 29 март 2011 година ја одржа својата Триесет и осма седница, на која како матично работно тело разгледа осум Предлог-закони.

Комисијата ги разгледа:

  1. Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на правата на пациентите - I читање;  
  2. Предлог-законот за дополнување на Законот за здравствена заштита - I читање;  
  3. Предлог-законот за дополнување на Законот на прекурзори - I читање;  
  4. Предлог-законот за дополнување на Законот за санитарната и здравствената инспекција - I читање;  
  5. Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за лековите и медицинските помагала - I читање;  
  6. Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за заштита од јонизирачко зрачење и радијациона сигурност - I читање;  
  7. Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот на хемикалии - I читање;  
  8. Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот на здравственото осигурување - I читање;  

- Претставникот на предлагачот, заменик-министерот за здравство, г. Владимир Поповски, образложувајќи го Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за заштита на правата на пациентите, истакна дека  предложените измени се во функција на усогласување на мерките за унапредување на казнената политика, како и подобрување на бизнис климата во Република Македонија.

Со предложеното решение се уредува постапката за едукација на лицето или правното лице каде е утврдено неправилност при вршењето на инспекцискиот надзор.

Исто така, се предвидува и обврска на Државниот санитарен и здравствен инспекторат за изготвување на квартални извештаи за извршените контроли, и за објавување на истите на веб-страницата на Министерството за здравство и на Државниот санитарен и здравствен инспекторат.

- Заменик-министерот за здравство ја образложи потребата од донесување на Законот за дополнување на Законот за здравствената заштита, при што истакна дека предложените одредби од Законот се однесуваат на воведување на институтот ,,молчењето е одобрување“, согласно Законот за општата управна постапка, имплементирање на Проектот за плаќање по успешност на здравствените работници, усогласување на надлежноста за одлучување во втор степен по жалби со Законот за основање на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен и др.

Беше упатена покана од г. Поповски до претседателот на Лекарската комора на Македонија, проф.д-р Владимир Борозанов, кој присуствуваше на седницата, за заеднички договор околу предложените решенија на Законот.

- По Предлогот на закон за дополнување на Законот за прекурзори, заменик-министерот за здравство, истакна дека со предложеното дополнување ќе се обезбеди функционална примена на институтот „молчењето е одобрување“ при постапката за добивање на одобрение за вршење на промет со прекурзори, односно по барањето за обнова на одобрението.

Се укажа дека покрај тоа што овој закон е во интерес на заштитата на здравјето и безбедноста на луѓето, со истиот се спречува и криминалот поврзан со дрогите.

- Претставник на предлагачот во однос на Предлог-законот за дополнување на Законот за санитарната и здравствената инспекција, истакна дека целта е усогласување со Законот за општа управна постапка, односно воведување на  правниот институт „молчењето е одобрување".

Со предложените дополнувања се зголемува одговорноста на инспекторите, раководните државни службеници, како и на функционерот кој раководи со органот во нивното работење.

Исто така, со ова се постигнува и поголема ефикасност во извршувањето на работните обврски од страна на инспекторите, раководните и другите државни службеници и на функционерот кој раководи со Државниот санитарен и здравствен инспекторат.

- Во врска со Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за лековите и медицинските помагала, г. Поповски истакна дека со предложените измени се врши усогласување со Законот за општата управна постапка и се утврдува постапката за постапување доколку Агенцијата за лекови не го издаде одобрението за увоз на лекови во утврдениот законски рок, а барањето е во содржина утврдена со закон, увозникот има право до директорот на Агенцијата за лекови да поднесе барање за донесување на решение за увоз на лекови.

Се укажа дека со предложеното решение се врши усогласување со Законот за основање на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен.

- Во образложението на Предлог- законот за изменување и дополнување на Законот за заштита од јонизирачко зрачење и радијациона сигурност, заменик -министерот за здравство истакна дека со предложените измени се врши целосно воведување на институтот „молчењето е одобрување“ во согласност со Законот за општа  управна постапка.

Со ваквите измени ќе се обезбеди функционална примена на институтот „молчењето е одобрување“ при постапката за добивање на дозвола за вршење дејност со извори со јонизирачко зрачење.

-  Претставникот на предлагачот, образложувајќи ја потребата од донесување на Законот за хемикалии, истакна дека со предложените измени се врши целосно воведување на институтот „молчењето е одобрување" во согласност со Законот за општа управна постапка.

Со членот 2 од предложениот закон се утврдува и постапката за постапување доколку Агенцијата за лекови не го издаде одобрението за ставање во промет на биоцидниот производ во рок од 60 дена, а барањето е во содржина утврдена со закон, подносителот на барањето има право до директорот на Агенцијата за лекови да поднесе барање за донесување на решение за ставање во промет на биоцидниот производ.

Во овој член утврдена е и постапката за постапување на инспекторот по поднесено известување од подносителот на барањето дека не му е издаден акт во утврдениот законски рок од страна на директорот на Агенцијата; постапката за постапување на директорот на Државниот управен инспекторат доколку инспекторот не постапува согласно постапката утврдена во овој член; преземање на соодветни дејствија од страна на инспекторот, односно директорот на Државниот управен инспекторат за соодветна одговорност во случај на не постапување на директорот на Агенцијата, односно инспекторот согласно овој член; правото на подносителот на барањето за поднесување пријава до надлежниот јавен обвинител доколку директорот на Државниот управен инспекторат не постапува согласно овој член; како и правото на подносителот да поведе управен спор пред надлежен суд доколку директорот не одлучи во законски утврдениот рок. Директорот по ова барање потребно е да одлучи во рок од десет дена, а доколку овој рок не се запази, тогаш подносителот има право да поведе управен спор пред Управниот суд.

- Беше разгледан уште Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за здравственото осигурување, за кој г. Поповски истакна дека измените и дополнувањето на законот се однесуваат на:

  • задолжително здравствено осигурување и на лицата кои се невработени и активно бараат работа;
  • обезбедување основен пакет на здравствени услуги во здравствени установи кои се во мрежата на здравствени установи;
  • донесување на нов општ акт на Фондот со кој ќе се ргулира начинот и методологијата за утврдување и донесување на Листата на лекови;
  • упатувањето на осигурените лица од избраниот лекар да биде само на специјалистичко консултативно ниво, а лекарот специјалист да упатува на болничко ниво во системот на здравствената заштита;
  • Фондот да склучува договори со здравствени установи надвор од земјата за специфични случаеви за кои нема услови да се лекуваат во земјата;
  • усогласување со Законот за општа управна постапка за воведување на институтот „молчењето е одобрување“;
  • во Управниот одбор на Фондот да биде вклучен претставник предложен од Лекарската комора, Стоматолошката комора и Фармацевтската комора по принцип на годишно ротирање;
  • за одделни прекршоци пред изрекувањето на санкцијата да се изврши едукација и да се даде поука и можност во определен рок да се отстранат недостатоците;
  • се предвидуваат критериуми според кои ќе се утврдуваат оддалечените рурални места;
  • учество на претставници од Министерството за здравство во постапката за договарање околу склучување на договор со здравствените установи од областа на болничката здравствена заштита;
  • Фондот може да бара надоместок на штета од здравствена установа која неосновано издала медицинска документација за остварување некое право на осигуреникот кое не му следува и надоместок на штета од здравствени установи со кои нема договор, а со лекување на осигуреници предизвикани се компликации по нивното здравје.   

Заменикот на министерот упати покана до претседателот на Лекарската комора за заеднички договор околу предложените решенија на Законот.

  • Врз основа на расправата, а согласно член 142 од Деловникот на Собранието на Република Македонија, Комисијата едногласно констатира дека сите Предлог-закони т се прифатливи и треба да се дадат на натамошно читање.
Click