Активности



Понеделник, 21 февруари 2011 година

Педесет и трета седница на Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство

Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство на Собранието на Република Македонија, на 53. седница, одржана на 17 февруари 2011 година, како матично работно тело во прво читање ги разгледа:

  1. Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за шумарска и ловна инспекција;
  2. Предлог-законот за престанување на важење на Законот за заштита од штети на полскиот имот.

На седницата, во својство на претставник на Владата на Република Македонија, присуствуваше г. Перица Иваноски, заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, како и г. Игор Лазаровски, директор на Државниот инспекторат за шумарство и ловство.

Претставникот на Владата ја нагласи потребата за донесување на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за шумарска и ловна инспекција и целите што ќе се постигнат и основните решенија што се уредуваат со законот, а во дискусијата учествуваа пратениците: г-ѓа Даниела Иротова-Лазарева и г. Васко Шутаров.

Со Предлог-законот се врши усогласување на овој Предлог-закон со други прописи заради целосно и успешно имлементирање на законот во пракса и воедначена меѓусебна соработка меѓу институциите коишто се занимаваат со проблемите и прашањата од оваа сфера, истакна пратеникот Даниела Иротова-Лазарева.

Додека, пратеникот Васко Шутаров укажа на тоа дека во членот 27-б од Предлог-законот е потребно да се интервенира со амандман ,во смисла на дефинирање на Агенцијата за храна и ветеринарство наместо Управа за ветеринарство.

Во однос на Предлог-законот за престанување на важење на Законот за заштита од штети на полскиот имот, претставникот на Владата ја нагласи потребата за донесување на законот и за укинување на веќе постоечки закон, од причини што истиот не коренсподира со правниот систем во Република Македонија и е одраз на еден систем кој што веќе е минато и како таков во рамките на политиката на Владата на Република Македонија за регулаторната гилотина на закони коишто не се во функција.

Во дискусијата по Предлог-законот за престанување на важење на Законот за заштита од штети на полскиот имот учествуваа пратениците: г. Васко Шутаров, г-ѓа Даниела Иротова-Лазарева и г. Панче Дамески.

Пратеникот Васко Шутаров во својата дискусија го нагласи ставот на оваа Комисија и другите Комисии во Собранието на Република Македонија со законите кои што се анахрони и не се во согласност со постојниот систем, а се донесени пред 1990 година, да престанат со својата важност поради тоа што во одделни општини во Републиката имаат се уште правно дејство.

Пратеникот Даниела Иротова-Лазарева во својата дискусија истакна дека е потребно укинување на овој закон поради тоа што создава забуна во локалната самоуправа и одредени општини, повикувајќи се на истиот, ги задолжуваат граѓаните со обврски кои што се спротивни на фактичката состојба. Со укинување на Законот ќе се создадат услови локалната самоуправа да изнајде соодветни решенија за регулирање на тие прашања.

Пратеникот Панче Дамески истакна дека треба да се побара од надлежните министерства да направат список на закони коишто немаат функција и се спротивни на системот којшто е утврден со Уставот на Република Македонија со цел да престанат со важноста.

На крајот од дискусијата, Комисијата едногласно го усвои следниов Заклучок:

  • Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство ги разгледа Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за шумарска и ловна инспекција и Предлог-законот за престанување на важење на Законот за заштита од штети на полскиот имот, и оцени дека Предлог-законите се прифатливи и треба да се дадат на натамошно читање.
Click