Активности



Среда, 16 февруари 2011 година

Педесет и деветта седница на Комисијата за економски прашања

Комисијата за економски прашања на Собранието на Република Македонија на Педесет и деветтата седница, одржана на 15 февруари 2011 година, како матично работно тело ги разгледа:

  1. Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за вршење на занаетчиска дејност - I читање;
  2. Предлог-законот за дополнување на Законот за основање на Агенција за странски инвестиции и промоција на извозот на Република Македонија - I читање;
  3. Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за Државен пазарен инспекторат - I читање;
  4. Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за техничката инспекција - I читање;
  5. Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за трговија - I читање.

Образложение на Предлог-законите даде претставникот на предлагачот, заменик-министерот за економија, д-р Методиј Хаџи-Васков.

- Во однос на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за вршење на занаетчиска дејност, беше истакнато дека неговата цел е усогласување и унифицирање на постапката којашто се врши согласно со Законот за инспекциски надзор. 
Заменик-министерот за економија истакна дека со досегашната пракса се увиде дека постои неусогласеност во начинот на постапките и на видот на можностите за жалба по изреченото решение.

Вториот дел во предложените измени и дополнувања се однесува на намалување на казните и глобите во делот на занаетчиската дејност.

Третиот дел се однесува на отстранување на обврската занаетчиите да вршат евиденција на производите и услугите коишто тие ги даваат и контролата на нивното работење да се врши согласно на работењето на Управата за јавни приходи.

Во четвртиот дел се врши усогласување со Законот за прекршоци и се однесува на подобрувања во делот на зголемувањето на рокот на застареноста за поведување на прекршочна постапка. Со оваа измена се врши подобрување и отстранување на неправилностите коишто биле затекнати.

- Целта на Предлог-законот за дополнување на Законот за основање на Агенција за странски инвестиции и промоција на извозот на Република Македонија е воведување реформи во јавната администрација и усогласување со Законот за државни службеници.

За вработените лица во Агенцијата кои се државни службеници, во однос на правата, должностите и одговорностите од работен однос, се применува Законот за државни службеници.

Вработените лица во Агенцијата кои вршат помошни и технички работи, немаат статус на државни службеници, и во однос на нивните права, должности и одговорности од работен однос се применува Законот за работни односи.

Исто така, и економските промотори не се државни службеници, и во однос на нивните права, должности и одговорности од работен однос се применува Законот за работни односи и Законот за надворешни работи.

- Во врска со Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за Државен пазарен инспекторат, беше истакнато дека со предложените измени и дополнувања се врши усогласување со Законот за инспекциски надзор.

Со усогласувањето на овие одредби коишто се единствени и унифицирани во рамките на сите инспекциски служби и со преземањето обврските од Законот за инспекциски надзор, ќе се постигне унифицираност, подобрување и зголемување на ефикасноста на работењето на Државниот пазарен инспекторат, како и подобрување на унифицираноста во делот на информираноста на бизнис заедницата.

Со предложените измени и дополнувања се врши и усогласување и допрецизирање на одредени одредби коишто се однесуваат на начинот и условите на постапување на инспекторите и обврските којшто ги има Државниот пазарен инспекторат, како и допрецизирање на условите којшто се потребни за вршење на неговата функција.

Заменик-министерот за економија истакна дека во предложените измени и дополнувања, во делот на казнената политика, има допрецизирање и доутврдување на одредени казнени одредби којшто се вградени во Предлог-законот, а се однесуваат на прекршоци опфатени во рамките на општата политика за утврдување на казнената политика на Владата на Република Македонија. Во овој дел се врши намалување на одреден број на глоби коишто би можеле да се изречат по однос на овој Закон.
- Со Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за техничката инспекција се врши усогласување со одредбите од  Законот за Државниот пазарен инспекторат и се врши унифицирање на постапките и целосно усогласување на постапките со Законот за инспекциски надзор и усогласување со мерките за унапредувањето со казнената политика.

Во таа насока, надлежностите и овластувањето којшто ги има техничката инспекција, Државниот инспекторат за техничката инспекција ќе има можност, покрај делот којшто се однесуваше на намалување на казните, Министерството за економија предлага зголемување на интервалот за одредени поголеми и посериозни прекршоци во делот на техничката сфера, којшто се однесуваат на загрозување на животната средина и здравјето на граѓаните.

Од тие причини, во овој дел се предвидува интервалот којшто е веќе предложен, и тоа со високи износи истиот да биде проширен, односно да се создаде можност за изрекување на построги казни, во согласност со сериозноста на дадениот прекршок.

Заменик-министерот за економија истакна дека согласно ингеренциите и надлежностите којшто ги има Државниот инспекторат за техничка инспекција, се врши допрецизирање и доусогласување на одредбите коишто се однесуваат за увидот и следењето на техничката документација и во делот на контролата, односно вршењето на надзор врз истата којашто треба да биде приложена на соодветниот инспектор.

Согласно на сериозноста и тежината на одредени неправилности коишто може да се јават, предвидена е и управната мерка за изрекување на забрана за вршење на дејност во делот на сериозните прекршоци коишто се однесуваат на техничката сфера.

- Првиот дел на предложените измени во Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за трговија е да се изврши усогласување со Законот за инспекциски надзор и Законот за прекршоци, додека вториот дел на предложените измени е во делот на казнената политика, конкретно во одредбите и класификацијата. Третиот дел, пак, предвидува зголемување на казните, односно зголемување на рестриктивните мерки коишто ќе се преземаат за одреден вид на сторени тешки прекршоци во однос на нелегалната трговија со екстра лесното гориво.

Во Предлог-законот за трговија се врши допрецизирање на одредбите, со тоа што Државниот пазарен инспекторат ќе може да изрече казна не само на оние субјекти коишто купуваат екстра лесно гориво за други цели, односно за користење како погонско гориво во делот на транспортот, туку ќе може да изрече санкција и за продавачот, односно забрана за вршење на дејноста од 30 дена.

Во предложените измени поврзани со потешките прекршоци, опфатени се измени и дополнувања во Законот за акцизите, каде што се предвидуваат порестриктивни мерки за ваквите видови на прекршоци.

Предвидена е и уште една порестриктивна одредба којашто се однесува на вршењето на превоз на стоки за којшто постои основано сомнение дека нема пропратна документација и постои можност за понатамошно препродавање.

Се дава можност на Државниот пазарен инспекторат да врши контрола на сомнителните стоки коишто се превезуваат во голема количина и во самиот транспорт да може да го прекине истиот и да изврши контрола на потребната документација.


По завршувањето на расправата, Комисијата за економски прашања едногласно заклучи дека горенаведените Предлог-закони се прифатливи и треба да се дадат на натамошно читање.

Click