Активности



Среда, 30 март 2011 година

Шеесет и трета седница на Комисијата за економски прашања

Комисијата за економски прашања на Собранието на Република Македонија, на Шеесет и третата седница, одржана на 29 март 2011 година, како матично работно тело во прво читање ги разгледа:

  1. Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за државната статистика;
  2. Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за минерални суровини;
  3. Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за вршење на занаетчиска дејност;
  4. Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за угостителска дејност;
  5. Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за туристичка дејност;
  6. Предлогот на закон за дополнување на Законот за возила;
  7. Предлогот на закон за дополнување на Законот за едношалтерскиот систем и за водење на трговскиот регистар и регистарот на други правни лица;
  8. Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за акредитација;
  9. Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за трговија.

Образложение на Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за државната статистика даде претставникот на предлагачот, повереникот од Министерството за финансии, г. Јордан Трајковски.

Тој истакна дека со предложените измени на Законот за статистика се врши дополнително усогласување со Регулативата на Европската комисија, којашто претставува Закон за статистика на Европската унија.

Во делот на измените, предвидени се одредби кои ги зајакнуваат принципите врз кои се засновува официјалната статистика, критериумите за квалитет, условите за објавување на индивидуални податоци, особено во делот на пасивната доверливост, потенцирањето на улогата на Државниот завод за статистика како координатор на статистичкиот систем во Република Македонија и имплементацијата на кодексот на работа на европската статистика во однос на работењето на Заводот за статистика.

Со предвидените измени се дефинираат пет нови поими на термини и изрази, коишто се користат во Законот за статистика, шест нови начела за стручна дефиниција за шест начела за стручна независност и шест критериуми за квалитет. Предвидено е и зајакнување на стручноста на директорот на Државниот завод  за статистика, посебно на зајакнување на капацитетот во областа на статистиката и економијата.

Исто така, предвидена е и законска можност за пробни истражувања коишто не се предвидени во програмата за истражување, при што јасно ќе се дефинира изјавата за доверливост на вработените лица во Државниот завод за статистика во насока на поголемо зајакнување на располагање со податоците, како и појаснување на календарот за публикување на статистичките податоци.

Во делот на прекршочните одредби се врши усогласување, и тоа во делот на насоките за подобрување на бизнис климата во Република Македонија, при што се врши скалесто степенување на прекршочните одредби. Беше истакнато дека во делот на казнената политика 95% од казните се намалени.

За осумте преостанати Предлог-закони, образложение даде претставникот на предлагачот, заменик-министерот за економија, д-р Методиј Хаџи-Васков, кој истакна дека со предвидените измени и дополнувања се дава можност на зајакнување на начелото молчењето значи одобрување и тоа од повеќе аспекти.

Првиот аспект е услугата којашто ја добиваат граѓаните, односно барателите за исполнување на одредено право. До овој момент сите барања од граѓаните коишто се доставени до државните институции, министерствата и слично, имаат одреден рок во рамките на коишто соодветната институција мора да даде одговор, независно дали станува збор за позитивен или негативен одговор во однос на некое барање.

Од тој аспект, неодговарањето, односно молчењето, би се сметало за позитивно. Доколку се сака да се утврди поголема одговорност во делот на постапувањето на институциите кон барањата на граѓаните со оваа можност практично се врши допрецизирање дека доколку во дадениот рок соодветната институција не даде конкретен одговор, односно решение на доставеното барање во измените, се предвидува барателот да има можност да се упати директно кон раководното лице во таа институција. Рокот изнесува три дена којшто е предвиден во соодетниот материјален закон.

Во случај доколку се поднесе барање за директен одговор, функционерот од соодветната институција е должен во рок од пет дена да одговори на соодветното барање, односно да донесе соодветно решение.

Со овие начела се засновува зајакнување на можноста за остварување на правата на граѓанинот, односно можноста за следење на барањето во текот на целата постапка. Од друга страна, се зајакнува и одговорноста на институцијата и на одговорното лице во истата, како истото би можело навремено да одговори на поставеното барање.

Доколку во рокот од петте превидени дена не се одговори на барањето, следува соодветна парична казна за раководното лице, а истовремено барателот ќе има можност за отворање постапка пред Државниот управен инспекторат, каде што соодветниот државен инспектор повторно во рок од десет дена ќе изврши надзор, односно увид во сработеното и ќе има можност да наложи во рок од десет дена соодветното одговорно лице да одговори на барањето.

Во случај доколку и во тој временски рок не се одговори на упатеното барање, постапката ќе се води во согласност со казнениот законик. Заменик-министерот за економија истакна дека со овој начин на функционирање во областа на економијата ќе дојде до значително подобрување на целосната комуникација и можноста за остварување на правата на граѓаните со институциите.

Во предложените измени и дополнувања на Законот за минералните суровини во превидениот рок со закон од 30 дена предвидено е дека соодветните институции мораат да достават мислење согласно на поднесената иницијатива. Доколку во рокот од 30 дена не се даде соодветно мислење, во тој случај започнува постапката, односно по истекот на триесеттиот ден барателот, Министерството за економија може ја покрене целата постапка. Основната цел е постапката да биде пореспонзивна, појака администрација и со тоа практично да се има побрз и поефикасен систем на проследување на сите барања. Во однос на минералните суровини и соодветното министерство коешто е надлежно, истото е задолжено во рок од 35 дена од примањето на иницијативата да достави предлог до концедентот, односно до Владата на Република Македонија.

Во предложените измени и дополнувања на Предлог законот за угостителската дејност се врши усогласување со Законот за инспекциски надзор и усогласување во делот на разграничувањето на мандатните казни коишто се изрекуваат на самото место на сторениот прекршок. Истовремено, во овој дел се врши јасно разграничување и допрецизирање на износите коишто се плаќаат за соодветна лиценца. Во однос на барањето за одобрување на лиценците од страна на Министерството за економија, времетраењето на целиот процес е 15 дена. Во случај предвидениот рок да не биде испочитуван, барателот има можност да ја покрене целосна постапка. Во делот за решенијата за категоризација на соодветните угостителски објекти, доколку во рок од 30 дена не се издаде соодветното решение од страна на Министерството за економија, во тој случај целосната постапка за имплементацијата на принципот може да се покрене и практично барателот да има точен увид зошто соодветниот рок не е запазен, а од друга страна институцијата да биде задолжена и одговорна побрзо да го достави соодветниот одговор.    

По Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за туристичка дејност, во однос на лиценците А и Б категорија на туристичките агенции, рокот на издавање треба да биде 15 дена. Доколку истите не се издадат во предвидениот рок, во тој случај следува истиот принцип, односно постапката ќе се води во согласност со казнениот законик. Предложените измени одат кон подобрување на оваа област, посебно во делот на исполнувањето на правата од страна на барателот за добивање на соодветна лиценца за туристичка агенција.

Во однос на предложените дополнувања на Законот за возила, истите се во насока на овозможување на побрзо остарување на правото за спроведување на барањето, каде што граѓаните, односно барателите, би го поднеле до Бирото за метрологија како соодветен орган за единечно одобрување на возило. Со предложените измени, предвидени се 15 дена за добивање на одговор во врска со барањето. Во случај на недобивање на одговор во тој случај, целосната постапка барателот ќе има право да ја покрене и со тоа да го оствари своето право за брзо и ефикасно постапување и за целосна информираност.

Кај предложените измени и дополнувања на Предлогот на закон за дополнување на Законот за едношалтерскиот систем и за водење на трговскиот регистар и регистарот на други правни лица, станува збор за имплементирање на истиот принцип во однос на уписот во соодветниот регистер. Со предложените дополнувања, доколку во рок од четири часа не се изврши целосна регистрација од страна на соодветниот регистратор, барателот ќе има можност за остварување на своето право согласно одредбата од принципот што значи одобрување. Со овие измени се оди кон целосна ефикасност на постапката и уште поголема и позначителна одговорност на соодветните раководни лица, односно функционери.     

По завршувањето на расправата, Комисијата за економски прашања едногласно заклучи дека сите Предлог-закони се прифатливи и треба да се дадат на натамошно читање.

Click