Активности



Четврток, 3 март 2011 година

Шеесет и трета седница на Комисијата за труд и социјална политика

Комисијата за труд и социјална политика на Собранието на Република Македонија, на 63. седница, одржана вчера, како матично работно тело ги разгледа Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување-II читање и Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за инспекција на труд-II читање.

  • Заменикот на министерот за труд и социјална политика г. Спиро Ристовски истакна дека Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување или популарно, Законот што го регулира вториот пензиски столб, е еден од законите со кој Владата се обидува да придонесе во подобрување на целокупната бизнис клима во Република Македонија.

Според ова, а со оглед на фактот што веќе во изминатите неколку години приватните пензиски фондови апсорбираа исклучително голема количина на капитал, бројот на потенцијалните пензионери порасна на 270 илјади корисници со индивидуална сметка, а инструментите за инвестирање се намалија. Поради тоа, се јави потреба од проширување на можноста за инвестирање во поголем број на инструменти, а со тоа и да се добие поголема диверзификација или намалување на ризикот на пазарот при инвестирање на средства, и дека Владата предлага измена со која 1,5% од средствата со кои располагаат во овој момент приватните пензиски фондови, да можат да го искористат во инвестирање во акции на акционерските друштва чии акции се тргуваат на македонската берза.

Со оглед на фактот што најголем дел од овие компании се компании кои се исклучително профитабилни, Владата очекува зголемена добивка за секој индивидуален корисник во приватните пензиски фондови. Покрај тоа, со оваа измена се дозволува и инвестирање на дел од средствата во приватните инвестициски фондови, со што се зголемува намалувањето на ризикот, а од друга страна се обезбедува една количина на свеж капитал многу значаен за малите и средните претпријатија во рамките на економијата на Република Македонија.

Пратеникот Светлана Јакимовска истекна дека измените и дополнувањата на Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување е за да се прошират можностите за инвестирање на средствата од задолжителните пензиски фондови кои постојано растат а постојните инстументи за инвестирање се намалуваат. Бенефитот за членовите на вториот пензиски столб ќе биде поголем доколку приватните пензиски фондови имаат можност дел од својот капитал поточно 1,5% да го инвестираат во акции на акционерски друштва чиишто акции се тргуваат на македонската берза.

Во членот 1, измените се однесуваат на можноста за инвестирање во акции издадени од акционерски друштва кои што тргуваат на берзата со посебна обврска за доставување на редовни извештаи до Комисијата за хартии од вредност на Република Македонија. Покрај можноста за инвестирање во отворени и затворени инвестициски фондови, се предлага и можност за инвестирање во приватни инвестициски фондови, со што се диверзифицира ризикот. Со ова, мал дел од средствата на задолжителните пензиски фондови се насочуваат во економијата на Република Македонија, што позитивно влијае на развојот на малите и средните претпријатија, што ќе влијае на развојот на капиталот и развојот на приватните пензиски фондови. Се прецизира можноста да се инвестираат средства и во инвестициски фондови со седиште во земјите од Европската унија и ОЕЦД. Најголем број од странските инвестициски фондови во својата инвестициона политика користат техники на заштита на средствата и обврските на инвестицискиот фонд кои вклучуваат употреба на деривативни инструменти со кои можат да се заштитуваат најмногу 20% од средствата на инвестициониот фонд. Во оваа група фондови спаѓаат голем број од инвестициските фондови кои се тргуваат на берза (ЕТФ), кои инвестираат во голем број на компании од различни економии, на тој начин го создаваат глобалното портфолио со кој се диверзифицира ризикот од инвестирање, а и трансакциските трошоци за инвестирање во уделите на овие фондови се многу пониски отколку класичните инвестициони фондови.

Со членовите 2 и 3 се дефинира ограничувањето за инвестирање во приватните фондови и тоа на вкупното инвестирање како и на поединечното инвестирање по приватен инвестиционен фонд.

  • Во однос на Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за инспекција на труд, пратеникот Светлана Јакимовска  истакна дека измените и дополнување на Законот се заради усогласување на Законот за инспекциски надзор со овој закон и прифаќање на позитивните искуства на земјите од Европската унија.

Со членот 1 се дополнува член 3 од постојниот закон и се предвидува директорот кој што раководи со Државниот инспекторат за труд да донесува годишна Програма за работа најкасно до 31 декември во тековната година за следната година како и месечни планови за работа.

Со членот 2 се менува ставот 1 од членот 9 каде што при вршење на инспекцискиот надзор ќе се применуваат одредбите од Законот за општа управна постапка и Законот за инспекциски надзор.

Со членот 3 се додава нов член 13-а со кој што се предвидува инспекторатот да соработува и разменува и користи податоци од други органи и институции.

Со членот 4 се менува постојниот член 17 со кој се утврдени мерките кои ги превзема инспекторатот во случај на утврдени неправилности при инспекцискиот надзор.

Со членот 5 се менува членот 19 каде што е предвидено по жалбата против решението на инспекторот за одлучува посебна комисија составена од 3 члена кои ги именува министерот за труд и социјална политика, наместо како што е сега по жалбата да одлучува надлежниот министер. Во истиот член предвиден е и изборот на членовите на комисијата.

Претседателот на Комисијата за труд и социјална политика констатира дека во законскиот рок по Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување-II читање и Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за инспекција на труд-II читање нема поднесено амандмани и ги проследи на натамошна постапка во Собранието на Република Македонија.

Click