Активности



Вторник, 29 март 2011 година

Седумдесет и осма седница на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците

Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците на Собранието на Република Македонија, на вчерашната Седумдесет и осма седница, како матично работно тело ги разгледа:

  • Предлог-декларацијата за унапредување на положбата и правата на Ромите;
  • Извештајот за работата на Агенцијата за државни службеници за 2010 година.

- Предлогот на Декларацијата за унапредување на положбата и правата на Ромите ја образложи претставникот на предлагачите, пратеникот г-ѓа Лилјана Поповска. Таа истакна дека Ромите се интегрален дел од македонското општество, се дел од Преамбулата на Уставот и на законските прописи кои нудат еднакви можности за припадниците од ромската заедница. Меѓутоа, во пракса тие се соочуваат со редица предизвици и сè уште се дел од најсиромашната популација.

Врз основа на членот 149 став 2 од Деловникот на Собранието на Република Македонија, Комисијата за политички систем и односи меѓу  заедниците го поднесе следниот Амандман:

  • Амандман I: Во Преамбулата на Предлог-декларацијата после ставот (2) се додава нов став (3) кој гласи - „Повикувајќи се и на Декларацијата од Стразбур за Ромите усвоена од Советот на Европа за време на претседателството на Република Македонија од 20 октомври 2010 година”.

Амандманот се поднесува бидејќи Декларацијата од Стразбур за Ромите е важен меѓународен документ за унапредувања на правата и положбата на Ромите во Република Македонија. 

Комисијата едногласно го усвои предложениот амандман.

- Извештајот за работата на Агенцијата за државни службеници за 2010 година го образложи претставникот на Агенцијата за администрација, заменик-директорот, г. Агрон Сефери, притоа истакнувајќи дека во изминатата година, меѓу другите тековни обврски на Агенцијата, големо внимание било посветено на двете информации кои се однесувале на формирањето на новото Министерство за информатичко општество и администрација, кое било работено во соработка со словенечкиот професорот Грегор Вирант, како и информацијата за измените и дополнувањата на Законот за државните службеници, Законот за јавните службеници и Законот за работните односи.

Истo така, тој додаде дека во 2010 година, Агенцијата се фокусирала и на клучните приоритети, како унапредување на воспоставениот и ефикасен систем за селекција и вработување на државни службеници.

Врз основа на расправата, Комисијата заклучи да му предложи на Собранието да го донесе следниов Заклучок:

  1. Собранието го усвои Извештајот за работата на Агенцијата за државни службеници за 2010 година;
  2. Овој Заклучок, заедно со Извештајот на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, да се достави до Агенцијата за администрација и Владата на Република Македонија.
Click