Активности



Понеделник, 24 јануари 2011 година

Деведесетта седница на Комисијата за финансирање и буџет

Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија на 20 јануари 2011 година ја одржа својата Деведесетта седница, на која како матично работно тело разгледа десет Предлог-закони, за кои воведно образложение даде заменикот на министерот за финансии, г. Недим Рамизи.

- Комисијата го разгледа Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за девизната инспекција (во прво читање).

Заменик-министерот за финансии истакна дека со предложените измени се врши усогласување на Законот за девизната инспекција со Законот за девизното работење, и тоа во насока на зголемување на овластувањата на Државниот девизен инспекторат во делот на водењето на прекршочна постапка за сите девизни прекршоци пропишани со закон и изрекување прекршочни санкции, при што истовремено се проширува и  надлежноста на девизната инспекција за вршење на инспекциски надзор над сите резиденти и нерезиденти кои вршат девизно и надворешно работење на територијата на Република Македонија.

Со измените се врши и усогласување на Законот на девизната инспекција со Законот за инспекциски надзор, односно се пристапува кон унифициран пристап на сите инспекциски органи на Република Македонија при вршење на инспекцискиот надзор, се утврдуваат законските услови кои треба да ги исполнат лицата распоредени на работни задачи како инспектори, видовите на инспекциските надзори, се утврдува обврската на инспекторите и постапките за полагање на стручен испит и проверка на знаење од областа во која вршат надзор.

Со предложените измени и дополнувања на Законот за девизната инспекција се очекуваат и се планираат професионалност, одговорност и ефикасност на лицата кои се распоредени на работни задачи како инспектори за инспекциски надзор да се одржуваат на посакувано ниво и истите перманентно да се усовршуваат.

Исто така, се планира при инспекциските надзори, инспекторите да имаат ист пристап кон утврдување на начинот на спроведување на управната постапка, односно постапката на инспекциските надзори спроведени од страна на државните органи низ целата територија на Република Македонија ќе биде унифицирана.

Комисијата  едногласно  заклучи дека Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за девизната инспекција  е прифатлив и може да се даде на натамошно читање.

- Во однос на Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за девизнo работење (во прво читање), г. Рамизи истакна дека со предложените измени се врши усогласување на постојниот Закон за девизно работење со Казнениот законик и со Законот за инспекциски надзор. 

Со измените се воведуваат одредби за казнување на правните лица за кривични дела сторени од одговорните лица во правните лица, а истовремено се воведуваат и одредби за изрекување на забрана за вршење на професија, должност или дејност на сторителите на кривични дела. 

Истовремено, се дозволува резидентот да врши упис, уплатува или тргува со хартии од вредност во странство преку овластен учесник на странска берза или организиран пазар на хартии од вредност, со што се надминува ограничувањето со постојното решение овие дејствија да ги врши само преку овластен учесник на пазарот на хартии од вредност. 

Со измените се усогласува и постапката на вршење на инспекциски надзор пропишана со овој закон со Законот за инспекциски надзор, при што се разработуваат правата на инспекторите при вршење на инспекцискиот надзор, заклучокот и решенијата што ги носат инспекторите при вршење на инспекцискиот надзор, постапката при жалба и постапката на привремено одземање на предмети.

Комисијата  со 6 гласа „за“ и 2 „воздржани“ заклучи дека овој Предлог-закон е прифатлив и може да се даде на натамошно читање.

- По Предлогот на закон за игрите на среќа и за забавните игри (во прво читање), заменикот на министерот за финансии истакна дека основна цел на  Законот за игрите на среќа и за забавните игри е да се уредат видовите, условите и начинот на приредувањето на игрите на среќа и забавните игри. 

Со предложеното решение се утврдува дека правото на приредување на лотариските и електронските игри на среќа, освен томболата од затворен тип, е право на Република Македонија, која ова право го врши преку основање на трговско друштво во државна сопственост со најмалку 51% од основната главнина на трговското друштво. 

Со Предлогот на законот е утврдена обврската за плаќање на надоместок за издавањето на лиценците, односно за дозволите и начинот на плаќањето на надоместокот за издавање на лиценците. 

Исто така, се пропишуваат и основите за одземање на лиценците, односно дозволите, обврската на приредувачот за донесување на правила на играта на среќа, односно правилник на казиното, видот на добивките од игрите на среќа, начинот на распределба на приходите остварени од приредувањето на игрите на среќа, обврската на приредувачот за депонирање на депозит во банка или обезбедување на банкарска гаранција за намените утврдени со овој закон, забраната на учество во одредени игри на среќа, забраната за одделни лица за учество во игрите на среќа, како и останати одредби кои се однесуваат на приредувањето на игрите на среќа. 

За првпат се воведуваат интернет игрите на среќа и се уредуваат условите и начинот на нивното приредување, видовите на лиценци и сертификатот на хардверската и софтверската платформа која носителите на лиценца за приредување на интернет игри на среќа ја користат за регистрирање на сите финансиски трансакции и други видови на податоци, се регулира лиценцата за производител на софтвер за приредување на интернет игри на среќа, лиценца за приредувач на интернет игри на среќа и други работи кои се однесуваат на интернет игрите на среќа.

Комисијата  со 6 гласа „за“ и 2 „против“ заклучи дека овој Предлог на закон е прифатлив и може да се даде на натамошно читање.

- Комисијата го разгледа и Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за продажба на станови во општествена сопственост (во прво читање).

Во воведното образложение, г. Рамизи истакна дека со предложените измени се предвидува при доцнење со отплата на становите во општествена сопственост да не се пресметува и наплатува законска или договорна затезна камата. 

Ова решение се предлага од причини што со постојното законско решение не се уредува казна и постапка во случај на доцнење со отплата на обврските, а во пракса се постапува според содржината на договорите, односно затезна камата се пресметува само ако тоа е предвидено во конкретниот договор. 

Со предлогот се предвидува во случај на неплаќање на 6 рати едно по друго, банката кај која се плаќа станот да го извести Државното правобранителство на Република Македонија кое е должно да покрене постапка за раскинување на договорот за продажба на станот. 

Според постојните решенија, раскинувањето на договорот не е законско решение, туку е можност предвидена во договорите за купопродажба која не се реализира во пракса. Во отсуство на јасна и прецизна регулатива, голем дел од договорите за продажба на станови не се спроведуваат, ратите не се плаќаат и по повеќе години, а не постои механизам за стимулирање на купувачите навремено да ги отплатуваат ратите. 

Предложеното решение, заедно со ослободувањето од плаќање на затезна камата за доцнење до 6 месеци, ќе обезбеди редовност во плаќањето на обврските и ќе ги заштити имотот и интересите на Република Македонија. 

Заради социјална сигурност на граѓаните, во случај на раскинување на договор за  купопродажба на стан, на поранешните купувачи ќе им биде дадена можност со Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор на Република Македонија за предметниот стан да склучат договор за закуп согласно Законот за домување, а уплатите до денот на раскинување на договорот по основ на отплата на рати по договорот за купопродажба ќе се сметаат како платена закупнина до денот на раскинување на договорот. 

Со оглед на фактот дека најголем број од активните договори за продажба на станови се склучени со граѓани кои се соочуваат со финансиски проблеми и поради тоа имаат заостанати неплатени ратите, се предлага период од 6 месеци во кој граѓаните ќе можат да ги платат заостанатите рати.

Комисијата  6 гласа „за“  и 3 „против“, заклучи дека овој Предлог-закон е прифатлив и може да се даде на натамошно читање.

- Во врска со Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за акцизите (во прво читање), г. Рамизи истакна дека со член 30 и член 31 од Законот е пропишано обележувањето и користењето на  минералните масла кои се користат како гориво за греење, односно дека истите треба да бидат обележани со пропишана боја и/или други состојки. Обележувањето се врши во акцизен склад кој поседува дозвола за обележување добиена од надлежен орган, а така обележаните масла не можат да се користат како погонски горива. 

Заради спречување на злоупотреба на обележаните минирални масла кои се користат како погонско гориво наместо како гориво за греење, се утврди потребата од дополнување на одредбата од членот 31 од Законот, така што се пропишува дека не е дозволено да се отстрани средството за обележување, да се намали концентрација или да се додаваат состојки кои ќе оневозможат утврдување на обележувањето.  

Исто така, се предлага одредба според која се пропишува забрана со која не е дозволено минералните масла да се користат за погон на моторни возила или за други намени освен како гориво за греење.

Со членот 61 од Законот се уредени прекршочните одредби од Законот за акцизите, со кои се предвидува изрекување на прекршочни санкции за сторителите на прекршоците, односно глоба во износ од 4.000 до 5.000 евра во денарска противвредност за даночниот обврзник - правно лице, како и глоба од 500 до 1.000 евра за одговорното лице во правното лице и физичкото лице. 

Со предложените изменувања и долнувања на овој закон се предлага категоризација на прекршочните одредби и намалување на износите на глобите за определени видови на прекршоци. 

Комисијата со шест гласа „за“ и три гласа „воздржани“ заклучи дека Предлогот на закононот за изменување и дополнување на Законот за акцизите е прифатлив и може да се даде на натамошно читање.

- Што се однесува на Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност (во прво читање), заменикот на министерот за финансии истакна дека со Законот за данокот на додадена вредност е воведен данокот на додадена вредност како општ потрошувачки данок и се уредува неговото пресметување и плаќање. 

Со Законот се определува предметот на оданочување, даночната основа, даночните ослободувања, даночните стапки, времето на настанување на даночниот долг, даночниот должник, одбивката на претходниот данок, регистрацијата за целите на данокот на додадена вредност, како и казнените одредби. 

Данокот на додадена вредност се пресметува со примена на пропорционални даночни стапки врз даночната основа за оданочивиот промет на стоки и услуги и увоз и тоа:

1. според општата даночна стапка од 18%,
2. според повластената даночна стапка од 5%.

Со измените и дополнувањата се предлага да се пропише проширување на листата на добра за кои ќе се применува повластена стапка за данок на додадена вредност која изнесува 5%, односно повластена стапка да се применува при увозот и прометот на медицинска опрема, помагала и други уреди, чија што намена е за олеснување или третирање на инвалидност исклучиво за лична употреба од страна на инвалидни лица.

Ваквата мерка ќе овозможи намалување на трошоците потребни за набавка на добрата кои служат за олеснување на извршувањето на сите активности во секојдневното живеење на лицата со инвалидност и нивното вклучување во заедницата.
Комисијата едногласно заклучи дека овој Предлог на закон е прифатлив и може да се даде на натамошно читање.

- Господин Рамизи истакна дека со Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за инвестициски фондови (во прво читање) се врши прегрупирање на прекршочните одредби во зависност од тежината на сторениот прекршок и се врши намалување на висината на претходно пропишаните глоби. 

Притоа, се предвидува рангирање на прекршоците во две групи, и тоа прекршоци од втор ранг, за кои е предвидена средна глоба и прекршоци од трет ранг, за кои е предвидена висока глоба. 

Исто така, со измената за некои од прекршоците од трет ранг кои се третираат како потешки прекршоци, покрај глоба е предвидено и изрекување на прекршочна санкција забрана за вршење професија, дејност или должност на одговорното лице во правното лице.

Донесувањето на Предлогот на Закон за изменување и дополнување на Законот за инвестициски фондови е со цел унапредување на казнената политика.

Комисијата едногласно заклучи дека овој Предлог-закон е прифатлив и може да се даде на натамошно читање.

- Комисијата го  разгледа Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за кредитно биро (во прво читање), за кој заменик-министерот за финансии истакна дека со него се врши прегрупирање на прекршочните одредби во зависност од тежината на сторениот прекршок и се намалуваат глобите за прекршоците на одговорното лице кај кредитното биро, давателот на податоците и корисникот на податоците. 

Со предложените измени и дополнувања се очекува да се постигне унапредување на казнената политика во Република Македонија.

Со измената и дополнувањето на Законот за кредитно биро се врши поделба на прекршоците на полесни и потешки прекршоци сторени од кредитното биро и се намалува глобата за одговорните лица кај субјектите на законот за 35% во однос на постојните глоби.

Комисијата едногласно заклучи дека Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за кредитно биро е прифатлив и може да се даде на натамошно читање.

- Во образложението на Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за сметководството за буџетите и буџетските корисници (во прво читање), г. Рамизи истакна дека поради порастот на трошоците поврзани со набавката на долгорочните средства потребно  е да се изврши зголемување на износот на вредноста која во моментот на набавка треба да ја имаат овие средства за да истите се класифицираат како ситен инвентар, односно се отпишат еднократно. 

Изменувањето на Законот за сметководството за буџетите и буџетските корисници се врши со цел реално да се искаже вредноста на долгорочните средства, според која истите се класифицираат како расход и според која ќе се отпишат еднократно, односно нема да подлежат на амортизација во текот на нивниот корисен век. 

Комисијата со шест гласа „за“ и три „воздржани“, заклучи дека овој Предлог на закон е прифатлив и може да се даде на натамошно читање.

- На истата седница, Комисијата го  разгледа уште Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за стоковните резерви (во прво читање).

Заменикот на министерот за финансии истакна дека главната причина за пристапување кон измени и дополнување на Законот за стоковните резерви е: 

1. Воведување мерки за унапредување на казнената политика со што ќе се влијае на подобрување на бизнис климата во Република Македонија преку воведување на постапка за едукација за одредени неправилности. Целта на воведувањето на поканата е избегнување на казнувањето за одредени прекршоци за кои претходно може да се спроведе едукација;

2. Усогласување со Законот за инспекциски надзор.

Комисијата со осум гласа „за“ и еден „воздржан“, заклучи дека Предлогот на закононот за изменување и дополнување на Законот за стоковните резерви е прифатлив и може да се даде на натамошно читање.

Click