Активности



Петок, 28 јануари 2011 година

Деведесет и прва седница на Комисијата за финансирање и буџет

Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија, на Деведесет и првата седница, одржана на 26 јануари 2011 година, како матично работно тело го  разгледа Предлогот на закон за задолжување на Република Македонија кај Меѓународниот монетарен фонд со Кредитна линија за претпазливост (по скратена постапка).

Воведно образложение по поднесениот Предлог на закон даде министерот за финансии, г. Зоран Ставрески. Тој истакна дека станува збор за нов инструмент во рамките на ММФ кој што бордот на ММФ го воспостави на крај на август- почеток на септември 2010 година и во основа е наменет за земји-членки на ММФ кои имаат здрави економски политики, здрави фундаментални карактеристики на економијата на макроекономски план, историја на ниски нивоа на буџетски дефицити и на низок јавен долг.

Значи, земји коишто во основа можат да ги решат проблемите и прашањата на финансирање и на друг начин, односно преку пазарот на капитал, но истовремено и земји коишто сепак имаат одредени ризици во делот, пред сè, на екстерното опкружување и во однос на тоа имаат одредени повредливости во рамките на сопствените економии доколку се случат такви настани. 

По преговорите со ММФ за време на Годишното собрание и последователните преговори во Република Македонија, испратено е барање од страна на Владата на Република Македонија и Народната банка на Република Македонија за одобрување на оваа кредитна линија. Одборот на извршни директори на 19 јануари 2011 година ѝ одобри на Република Македонија кредитна линија за период од 24 месеци во вкупен износ од 413,4 милиони Специјални права на влечење, односно 600 проценти од квотата, што претставува околу 475,6 милиони евра. Во текот на првите 12 месеци од кредитната линија ќе се достапни најмногу 500 проценти од квотата или околу 345 Специјални права на влечење.

Бордот на ММФ имаше општа поддршка за економските политики на земјата и за начинот на кој земјата се справува со економската криза. Посебно беа апострофирани ниското ниво на јавниот долг коешто ѝ овозможи на Република Македонија да користи кредитни линии по поволни услови, нискиот буџетски дефицит, здравиот и отпорен банкарски систем и монетарната политика.

Одобрениот кредит претставува голема потврда за тоа дека економските политики во Република Македонија се соодветни. Во однос на буџетскиот дефицит, тој истакна дека тоа не претставува карактеристика само на оваа Влада, туку е карактеристика на сите влади во Република Македонија, што претставува добра страна на нашата економска политика којашто треба и во иднина да се практикува и да се одржува што е можно пониско ниво на јавен долг. Истовремено, беше појаснета и суштината на овој инструмент, согласно начинот на кој овој инструмент е дизајниран. Тој служи како резервна варијанта, со оглед дека се одобрува на земји коишто имаат други можности и начини да го финансираат сопствениот буџет, пред сè, преку надворешно и домашно задолжување. Република Македонија е првата земја што го добива овој кредит и истовремено е оценета како земја којашто има добар пристап до пазарот на капитал.

Оваа кредитна линија се одобрува на земјите за да навреме се обезбедат што и да се случува во однос на надворешните фактори, во однос на европската економија во случајов, какви и ризици да има таму дека ако дојде до влошување на состојбите во еврозоната, Република Македонија нема да биде погодена од тие влошувања, и нема да го спречи реализирањето на Буџетот на Република Македонија. На овој начин Република Македонија се стекнува со резервна варијанта, во случај да има потреба да се користат овие средства.

Во однос на намената за којашто можат да се користат овие средства, самиот факт што ММФ претходно го оценува квалитетот на економските политики и само на земјите со здрави економски политики го одобрува овој кредитен инструмент, покажува дека ММФ нема ниту намера, ниту пак е таков инструментот да се наметнува во користењето на средствата.

Средствата може да се користат за сите намени за кои што се користи Буџетот. Нема никакво наметнување од страна на ММФ во однос на користењето на средствата, бидејќи тие оцениле дека Владата има капацитет да води здрава фискална политика и соодветно да го компонира и да го имплементира Буџетот. Тоа е суштината на инструментот и начинот на кој е тој  замислен.

Условите под кои што се одобрува кредитот се исклучително поволни, како што се наведени во образложението на законот. Се работи за инструмент којшто носи различни каматни стапки во зависност колкав износ е повлечен. До 300% од квотата висината на каматната стапка е 1,3%. Над 300% од квотата, каматната стапка би била 3,3% што во просек за целокупниот одобрен износ каматната стапка би била околу 2,3%. Отплата се врши за период од 3 години, со грејс период од 3 години.

Очекуваните ефекти, освен она како резервна варијанта во случај да има потреба да се користат овие средства во земјата, е и ефектот во однос на кредитниот рејтинг и на општата слика за Република Македонија. Европската банка за обнова и развој пред неколку дена ја подобри проекцијата за Република Македонија од 2,3% економски раст на 3,2% економски раст и со тоа Република Македонија според ЕБРД ќе има највисок економски раст од сите земји во Југоисточна Европа во 2011 година и тие директно наведуваа два фактори за причината за оваа ревизија на проекцијата. Тоа се очекувањата за движењето на цените на металите каде што Република Македонија има индустрија која што ќе бенефира од тоа и второ е одобрената кредитна линија од ММФ. Исто така и проекцијата на ММФ предвидува 3% економски раст на БДП. Се очекува ова во иднина да се рефлектира позитивно и врз оценките на кредитните агенции за Република Македонија и тоа ќе помогне да се намали цената на евентуалното издавање на еврообврзница како инструмент за финансирање на Буџетот за 2011 година и на вкупните потреби на Република Македонија.

Во претресот учествуваа пратениците г. Јован Манасијевски, г. Марјанчо Николов, г. Крсто Мукоски, г. Миле Андонов и г-ѓа Владанка Авировиќ.

Комисијата го разгледа амандманот на членот 2, став (1) поднесен од пратениците г. Крсто Мукоски, г-ѓа Владанка Авировиќ и г. Живко Пејковски. Комисијата со пет гласа „за“ и еден глас “воздржан“ го усвои предложениот амандман.

Комисијата со пет гласа „за“, еден „против“ и еден „воздржан“ заклучи дека согласно Деловникот на Собранието на Република Македонија се исполнети условите за подготовка на Дополнет предлог на закон за задолжување на Република Македонија кај Меѓународниот монетарен фонд со Кредитна линија за претпазливост.

Click