Активности



Четврток, 10 февруари 2011 година

Деведесет и четврта седница на Комисијата за финансирање и буџет

Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија, на денешната 94. Седница, како матично работно тело ги разгледа

  • Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за  приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост (по скратена постапка) и
  • Предлогот на закон за гаранција на Република Македонија на обврските по Договорот за заем, наменет за финансирање на проектот „Главен транспортен систем од ПК Брод Гнеотино до Суводол - ЛОТ 3”, кој ќе се склучи меѓу Дојче банка и АД ЕЛЕМ, (по скратена постапка).

Воведно образложение по предложените закони даде заменикот на министерот за финансии, г. Недим Рамизи.

Тој истакна дека соочувајќи се со огромен број на барања за приватизација на градежно земјиште, а согледувајќи одредени разлики во имплементацијата на законот од страна на надлежните подрачни одделенија на Управата за имотно-правни работи, како и можности за унапредување на регулативата преку поедноставување на постапката за приватизација на градежното земјиште во државна сопственост и намалување на споредните трошоци за барателите во остварувањето на правото на приватизација на градежното земјиште, се предлагаат овие измени и дополнувања.

Изменувањата и дополнувањата ги опфаќаат одредбите за начинот  на определување - утврдување на надоместо за приватизација на градежното изградено земјиште на кое се изградени станбени и деловни згради, кои имаат два или повеќе станови, односно деловни простории, кои имаат различни сопственици (физички и правни лица), на приватизацијата на градежното земјиште на кое корисници се физички лица по основ на поранешна сопственост, како и одредбите за постапката за приватизација во делот на барањето и прилозите што треба да ги поднесат барателите за приватизација. Особено значајни се одредбите за пролонгирање на рокот за приватизација на градежно земјиште, кој согласно предлогот се определува да трае до 31.12.2012 година.

Основна причина за  поднесување на Предлогот на законот е приоритетноста на проектот Главен транспортен систем од ПК Брод Гнеотино до Суводол - ЛОТ 3, бидејќи со завршувањето на експлоатацијата на јагленот од постојниот рудник Суводол ќе престане и работата на термоцентралите.

Средствата предвидени за реализацијата на овој проект изнесуваат 17.318.462 евра од кои, 2.597.769,30 евра ќе бидат обезбедени од АД ЕЛЕМ, додека 14.720.692,70 евра ќе бидат финансирани со заем од страна на Дојче банка. За реализација на проектот треба да се плати и ХЕРМЕС премија за осигурување на извоз во износ од 1.279.307,30 евра кој целосно ќе биде обезбеден од заемот од Дојче банка со што вкупниот износ на заемот од Дојче банка ќе биде 16.000.000 евра. Заемопримач ќе биде АД ЕЛЕМ, додека Република Македонија ќе издаде државна гаранција. Сервисирањето на заемот ќе го врши АД ЕЛЕМ од приходите кои ги остварува, во рокови и услови утврдени во Договорот за заем.

Во претресот учествуваа пратениците г. Крсто Мукоски, г-ѓа Владанка Авировиќ, г. Живко Пејковски, г. Никола Котевски и г. Стојче Крстевски.

Комисијата со 7 гласа „за” и 1 „против“ заклучи дека согласно Деловникот на Собранието на Република Македонија не се исполнети условите за подготвување на Дополнет предлог и му предлага на Собранието да го разгледа и донесе Законот за гаранција на Република Македонија на обврските по Договорот за заем, наменет за финансирање на проектот „Главен транспортен систем од ПК Брод Гнеотино до Суводол - ЛОТ 3”, кој ќе се склучи меѓу Дојче банка и АД ЕЛЕМ, додека во однос на вториот Предлог на закон не беа поднесени амандмани, Комисијата едногласно заклучи дека не се исполнети условите за подготовка на Дополнет предлог на закон и му предложи на Собранието да го разгледа и да го донесе законот за изменување и дополнување на Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост.

Click