Активности



Понеделник, 21 февруари 2011 година

Деведесет и петта седница на Комисијата за финансирање и буџет

Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија на Деведесет и петтата седница, одржана на 18 февруари 2011 година, како матично работно тело, акко матично работно тело разгледа десет Предлог-закони, за кои воведно образложение даде заменикот на министерот за финансии, г. Недим Рамизи.

- По Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за Централен регистар (во прво читање), заменикот-министерот за финансии истакна дека со предложените измени се врши прегрупирање на прекршочните одредби во зависност од тежината на сторениот прекршок и се намалуваат глобите за прекршоците за одговорните лице кај Централниот регистар, регистрите или другите правни лица.

Комисијата едногласно заклучи дека овој Предлог-закон е прифатлив и може да се даде на натамошно читање.

- Во врска со Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за задолжителни резерви на нафта и нафтени деривати (во прво читање), г. Рамизи истакна дека измените и дополнувањата се предлагаат поради потребата да се изврши допрецизирање на надлежностите на Дирекцијата за задолжителни резерви на нафта и нафтени деривати во областа на формирање, складирање, чување и обновување на минимални залихи на нафта и нафтени деривати заради обезбедување на висок степен на сигурност во обезбедувањето на пазарот со нафтени производи, по пат на сигурни и транспарентни механизми, како и воспоставување на потребните процедурални средства за решавање на големите пореметувања во процесот на снабдување со нафтени производи.

Истовремено, се прецизираат обврските на обврзниците за уплата на надоместокот за задолжителни резерви на нафта и нафтени деривати во услови кога обврзникот е производител на нафтени деривати во земјата и кога  обврзникот е увозник на нафтени деривати, се уредуваат oдносите помеѓу Дирекцијата и царинскиот орган на Република Македонија, како и прецизирање на одредбите кои се однесуваат на надзор на задолжителните резерви. Со измените и дополнувањата се предлагаат и решенија за унапредување на казнената политика.

Комисијата  со 6 гласа „за“ и 1 „воздржан“ заклучи дека овој Предлог на закон е прифатлив и може да се даде на натамошно читање.

- Во воведното образложение по Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за платниот промет (во прво читање), заменикот на министерот за финансии истакна дека со Законот за платниот промет е уредено клириншката куќа која го води единствениот регистар на трансакциски сметки ги доставува податоците од истиот до Трезорот при Министерството за финансии.

Со Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за платниот промет, се предлага  клириншката  куќа  податоците од  единствениот регистар на трансакциски сметки да ги доставува и до Трезорот на Фондот за здравствено осигурување. Ваквото решение ќе овозможи да се избегнат дополнителни трошоци за Фондот за здравствено осигурување при обезбедување на податоците за трансакциските сметки што се водат во клириншката куќа.

Истовремено, предложени се и измени во делот на прекршочните одредби, во насока на намалување на висината на глобите заради реализација на мерките за унапредување на казнената политика и подобрување на  бизнис климата во Република Македонија.

Комисијата едногласно заклучи дека овој Предлог-закон е прифатлив и може да се даде на натамошно читање.

 - Во однос на Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за даноците на имот (во прво читање), г. Рамизи истакна дека се пристапува кон даночниот третман на делбата (физичката делба) како институт кој се користи при разрешување на одредени имотно-правни и сосопственички односи, како и даночниот третман на уделите.

Оттука, по однос на данокот на промет на недвижностите, преносот на хартиите на вредност врз основа на компензација, се исклучуваат и компензацијата не е повеќе предмет на оданочување со данок на промет на недвижности.  Како промет на недвижности ќе се смета и преносот на право на сопственост  со и без надоместок. По исклучок  под промет на недвижности не се смета физичката делба на недвижниот имот.

По однос на уделите во трговски друштва, се предлага вложувањето на недвижностите во трговските друшва да биде ослободено од плаќање на данок на промет на недвижности. Со ова практично се разрешува дилемата околу третманот на вложувањето и преносот на уделите во трговските друштва  кои може да бидат во  недвижни  или движни ствари.

Рокот од 15 дена  за донесување на Решение за висината за данок на промет на недвижности од страна на градоначалниците на општините, се скратува на најмногу до 10 дена.

Исто така, во насока на ублажување на сегментот на казнената политика, се утврди потребата од генерално намалување на висината на глобите кои се пропишани со одредбите од член 90, 91 , 92 и 94 од Законот. 

Комисијата едногласно заклучи дека овој Предлог-закон е прифатлив и може да се даде на натамошно читање.

- Комисијата како матично работно тело го разгледа Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост, поднесен од пратениците: Станка Анастасова, Миле Андонов, Весна Бендевска, Владо Бучковски, Славица Грковска, Менде Диневски, Цветанка Иванова, Игор Ивановски, Јани Макрадули, Горан Минчев, Марјанчо Николов, Андреј Петров, Емилијан Станковиќ, Горан Сугарески, Маринела Тушева, Никола Ќуркчиев, Томе Чингоски и Радмила Шекеринска (во прво читање).

Со оглед на тоа што во Законот за изменување и дополнување на Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост, кој беше предложен од Владата на Република Македонија, а Собранието на Република Македонија го донесе на седницата одржана на 10 февруари 2011 година, се содржани решенијата што се предлагаат со овој Предлог на закон, беше оценето дека нема потреба од негово донесување.

Комисијата  едногласно заклучи дека овој Предлог на закон не е прифатлив и не може да се даде на натамошно читање.

- Заменик-министерот за финансии, по Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за користење и располагање со стварите на државните органи (во прво читање), истакна дека со менување на членот 1-а од постојниот закон се врши проширување на субјектите кои досега не беа опфатени со постојниот  закон како што се дирекциите, независните регулаторни тела и други институции основани од државата.

Во членот 17 од постојниот закон се уредува прашањето за давање во закуп на недвижни ствари кои државните органи трајно престанале да ги користат заради дотраеност (руинирани), со тоа што во ставот 4 има законско решение Владата на Република Македонија да може со одлука да ги даде на користење или пренесе без надомест во сопственост на општините, општините во градот Скопје и Градот Скопје и на здруженија на граѓани и фондации, но под услов истите да не можат да се продадат или дадат во закуп. 

Одредбата од став 4 на членот 17 во пракса се покажа дека е тешко спроведлива, а чести се барања на општините за давање на руинирани објекти на користење или во сопственост. Поради тоа, со одредбата од членот 17 се предлага ново решение, според кое Владата на Република Македонија  ваквиот вид на објекти, без претходно да се продаваaт или даваат во закуп, да може да ги дава на користење или да ги пренесе без надомест во сопственост  на општините, општините во Градот Скопје и Градот Скопје.

Истовремено, во членот 17-а, како и во членот 20, се вградува решение да можат да се даваат на користење недвижни ствари во државна сопственост кои не ги користат државни органи, односно евидентирани се на Република Македонија, бидејки постојат објекти во државна сопственост со неутврдено право на користење, за кои во постојниот закон отсуствуваше законско решение.  

Комисијата со 8 гласа „за“ и 1 „воздржан“, заклучи дека овој Предлог-закон е прифатлив и може да се даде на натамошно читање.

- Во воведното образложение на Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за јавен долг (во прво читање), г. Рамизи истакна дека со него се вршат измени во одредбите со кои се утврдуваат прекршоците како недозволено поведение на носителите на јавен долг во рамките на постапката за задолжување и создавање на јавниот долг на Република Македонија. Се предлагаат пониски глоби во споредба со моментално пропишаните, кои воедно се усогласени со Законот за прекршоци.

Со измената во членовите 28 и 28-а е постапено согласно мерките за унапредување на казнената политика, бидејќи се однесуваат на прекршоци направени од јавни претпријатија и трговски друштва кои се носители на јавен долг, додека во членот 29 единствено е намален износот на глобата, и истиот е во рамките на Законот за прекршоци, бидејќи станува збор за прекршоци сторени од страна носители на законодавна, извршна или судска власт, како и од страна на општини и јавни установи. Овие прекршоци не подлежат на мерките за унапредување на казнената политика во Република Македонија бидејќи на ниту еден начин не го засегаат бизнис секторот.

Измената на законот којашто се однесува на Стратегијата за управување со јавен долг, е иницирана поради досегашната неконзистентност на Фискалната стратегија и Стратегијата за управување со јавен долг, во однос на временската рамка за нивно донесување. Се предлага политиката за управување со јавен долг наместо да се утврдува посебно во Стратегијата за управување со јавен долг, да биде дел од Фискалната стратегија, со што ќе се обезбеди целосна конзистентност на  податоците  кои ја дефинираат фискалната рамка и  јавниот долг. 

Носителите на јавен долг се дополнуваат со јавните установи основани од Република Македонија кои на овој начин ќе можат да си обезбедат и дополнителни средства  за реализација на проекти кои не можат да ги остварат врз основа  на  своите приходи.

Постојните членови 16, 22 и 25 ја пропишуваат постапката на задолжувањето на општините како единици на локалната самоуправа и јавните претпријатија кои се во целосна или доминантна сопственост на државата или на општините.

Комисијата со осум гласа „за“ и еден „воздржан“, заклучи дека Предлогот на законт за изменување и дополнување на Законот за јавен долг е прифатлив и може да се даде на натамошно читање.

- За Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за лизинг (во прво читање), г. Рамизи образложи дека моментално се регистрирани единаесет правни лица за вршење лизинг. Од нив, активни се девет лизинг-друштва.

Еден од факторите за подобрување на конкурентноста на секторот „лизинг“ е спроведувањето на промени во постојната регулативата, со цел полесно одржување на профитабилното и стабилното работење на друштвата, а со тоа и до зголемување на улогата на овој сектор во домашниот економија.

Во оваа насока се и реформите кои се преземаат во Република Македонија со цел зајакнување на стабилноста на финансискиот систем преку обезбедување на подобра регулаторна рамка.

За таа цел, една од причините за измените во Законот за лизинг произлегуваат од потребата за подобро регулирање на работењето на давателите на финансиски лизинг во Република Македонија, во насока на пропишување на супервизорски стандарди на основањето и работењето на истите.

Имено, општо правило во регулаторната пракса на ЕУ е дека финансиските институции кои немаат во нивниот биланс депозити како обврски кон широката јавност, не треба да бидат регулирани и контролирани како оние кои имаат такви обврски.

Од тие причини, измените во законот се темелат на комбинација на моделот на ограничена супервизија и пазарно однесување. Од моделот на ограничена супервизија се прифатени стандардите во однос на членовите на органите на управување и минимум потребен капитал за основање. Од моделот на пазарно однесување е прифатено следењето на однесувањето на давателите на финансиски лизинг и почитувањето на законите, главно преку извештаи и ex post казнување на незаконското однесување.

Истовремено, со Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за лизинг се врши прегрупирање на прекршочните одредби во зависност од тежината на сторениот прекршок, се бришат повеќе прекршочни одредби поради пренормираност на Законот и се воведува единствен износ на глоба за прекршоците по кои прекршочна санкција изрекува прекршочниот орган, односно Министерството за финансии.    

Исто така, се воведува и правилото „Молчењето значи одобрување“ во постапката за издавање дозвола за вршење финансиски лизинг, како и обврска за Министерството за финансии да води Регистар на даватели на финансиски лизинг.

Со предложените измени и дополнувања на Законот за лизинг се очекува да се постигне поголема контрола врз работењето на давателите на финансиски лизинг и да се постигне унапредување на казнената политика и бизнис климата во Република Македонија.

Комисијата со седум гласа „за“ и еден „воздржан“ заклучи дека овој Предлог на закон е прифатлив и може да се даде на натамошно читање.

- Заменикот на министерот за финансии по Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за спречување на перење на пари и други приноси од казниво дело и финансирање на тероризам (во прво читање), истакна дека превенцијата од перење пари и финансирање на тероризам во Република Македонија ја регулира Законот за спречување на перење пари и други приноси од казниво дело и финансирање на тероризам.

Измените се предлагаат и со цел унапредување на казнената политика и подобрување на бизнис климата во Република Македонија. Исто така, се наметна потребата од негово усогласување со одредбите кои го регулираат вршењето на инспекцискиот надзор. Во текот на практичната примена на законските одредби се утврди потребата од нивно изменување и дополнување заради надминување на определени недостатоци од технички карактер, изменување на определени решенија кои се тешко спроведливи или заради надминување на утврдени практични проблеми.

Комисијата со девет гласа „за“ и еден „против“ заклучи дека овој Предлог на закон е прифатлив и може да се даде на натамошно читање.

- Комисијата го разгледа уште Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за преземање на акционерските друштва (во прво читање), за кој во воведното образложение г. Рамизи истакна дека со него се врши прегрупирање на прекршочните одредби во зависност од тежината на сторениот прекршок и се врши намалување на висината на претходно пропишаните глоби.

Притоа, се предвидува рангирање на прекршоците во две групи, и тоа: прекршоци од втор ранг, за кои е предвидена средна глоба, и прекршоци од трет ранг, за кои е предвидена висока глоба.

Со предложените измени и дополнувања се очекува да се постигне унапредување на казнената политика во Република Македонија.

Со членот 2 од Предлогот на законот се менува член 55 од постоечкиот закон, поточно се врши доразработување на одредбите од законот во кои се уредува случајот на стекнување на акции спротивно на одредбите од овој закон. Така, покрај постечката можност за ограничување на правото на глас и дивиденда од бесправно стекнатите акции за што Комисијата донесува решение, на Комисијата и се дава можност да го задолжи лицето кое стекнало акции спротивно на одредбите од законот истите да ги понуди за продажба во рок кој не може да биде подолг од 90 дена.  Доколку лицето  ги оттуѓи акциите на кои им е ограничено правото на глас и дивиденда, истите се префрлаат на новиот сопственик без ограничувања.

Ваквата измена е во насока на зајакнување на одредбите од законот со цел да се спречи обидот лицата да се стекнуваат со акции спротивно на законот.

Комисијата со осум гласа „за“ и еден „воздржан“, заклучи дека овој Предлог-закон е прифатлив и може да се даде на натамошно читање.

Click