Активности



Понеделник, 21 февруари 2011 година

Европскиот парламент силен поддржувач на Република Македонија во евроинтегративниот процес

Националниот совет за евроинтеграции во Собранието на Република Македонија денеска оствари средба со г. Едуард Кукан, пратеник во Европскиот парламент и известител во сенка за Република Македонија во групата на Европски народни партии и поранешен министер за надворешни работи на Словачка Република, кој е во работна посета на Република Македонија.

На средбата покрај потпретседателот на Националниот совет за евроинтеграции, г-ѓа Силвана Бонева, присуствуваа и претседателот на Комисијата за европски прашања, г. Петар Поп Арсов, заменик-претседателот на Комисијата за надворешна политика, г- ѓа Ермира Мехмети Деваја, претставници на Мешовитиот парламентарен комитет Република Македонија– Европска унија, амбасадорот на Република Словачка во Република Македонија, г. Роберт Кирнаг, како и останати пратеници, членови и претставници на Советот и Комисиите.

Во своето воведно обраќање на Националниот совет за евроинтеграции, г-ѓа Силвана Бонева ги запозна присутните со составот и целите на Националниот совет за евроинтеграции, искажувајќи огромна благодарност за континуираната поддршка на Европската народна партија во процесот на европска интеграција на Македонија, како и личниот придонес на европратеникот г. Едуард Кукан, како известител во сенка за Македонија во групата на Европските нардони партии.

Во рамки на средбата беше поздравено и неодамнешното формирање на неформалната група за поддршка на Република Македонија во Европскиот парламент „Пријатели на Македонија“ и благодарност за личната заложба на  г. Едуард Кукан, како член на оваа група. Со надеж дека оваа група ќе придонесе  кон отворена и силна поддршка за евроинтегративниот процес на Република Македонија во Европскиот парламент и дека ќе даде придонес во напорите за определување датум за почеток на преговори, што е можно побрзо.

Во своето излагање европратеникот, г. Едуард Кукан изрази задоволство за дадената можност да им се обрати на присутните презентирајќи ги активностите и процедурите кои ги користат во рамки на работењето на Европарламентот,  осврнувајќи се и на последниот презентиран Извештај за напредокот на Република Македонија за 2010 година.

Европратеникот, г. Едуард Кукан ја пренесе пораката на Европскиот  парламент дека со нетрпение го очекува моментот за да ни посака добредојде во европското семејство.

Претседателот на Комисијата за европски прашања, г. Петар Поп Арсов се заблагодари за континуираната поддршка  што ја дава Европскиот парламент на Република Македонија преку резолуциите и препораките кои произлегуваат од овие резолиции.

Свои дискусии имаа и членот на Националниот совет за евроинтеграции од Кабинетот на претседателот на Република Македонија, г. Димитар Мирчев, заменик-претседателот на Комисијата за надворешна политика, г- ѓа Ермира Мехмети Деваја и пратениците г-ѓа Лилјана Поповска и г-ца Христина Рунчева.

Click